Нема многу работа околу овој колач и навистина е извонреден. Вистинско летно освежување кое се топи во уста!
Потребни состојки:
200 г мелени кекси
100 г путер омекнат на собна температура
50 г рендано црно чоколадо
5 лажици млеко (обично или соино)
3 банани изгмечени
за пудинг:
400 мл соино или обично млеко
2 кесички пудинг од ванила
3 полни лажици шеќер
и уште:
50 г чоколадо
100 г путер
За декорација: шлаг, чоколадо, сечкани бадеми
Постапка:
Чоколадото изрендајте го на ситно ренде и додадете го во садот заедно со мелените кекси и путерот омекнат на собна температура. Со кака измесете додека да се соедини.
Во ровката смеса додадете 5 супени лажици млеко, па продолжете да месете додека да стане леплива и лесна за обликување.
Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја во калап за торти со пречник од 24 см и убаво израмнете со лажица, чаша или рака. На ивиците малку подигнете ја кората околу 1 см. Оставете го калапот во фрижидер половина час за да се стегне кората.
Од 400 мл млеко одземете малку за да го растворите прашокот за пудинг и шеќерот, а остатокот ставете го на оган. Откако ќе зоврие млекото, во него ставете го разматениот пудинг и мешајте постојано додека да се згусне. Оставете го на страна за да излади.
Три банани излупете ги и изгмечете ги со виљушка или изблендирајте ги, како ви е полесно. Во пирето од банани додадете две преполни супени лажици пудинг и промешајте за да се соедини.
Смесата од банани излејте ја во калапот врз кората од кекси и убаво распоредете. Преку оваа смеса изрендајте 50 г чоколадо или по желба и ставете во замрзнувач за побрзо да се стегне филот со банани.
Во млакиот пудинг додадете путер омекнат на собна температура па изматете со жица или миксер за да се соединат. Кремот внимателно распоредете го врз ренданото чоколадо и израмнете. Вака приготвениот колач вратете го во замрзнувач 1,5 час, а потоа отстранете го обрачот. Украсете со шлаг, чоколадо и сечкани бадеми. Деталите погледнете ги во видеото: