Брзо се приготвуваат, многу се вкусни дури и следниот ден се многу меки и свежи. Сигурна сум дека ќе ви се допаднат, ова се најдобрите панцероти од рерна.
Потребни состојки: 200 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 100 мл масло, 1 сув квасец или ½ свежа коцка, 1 лажичка шеќер, 1 полна лажичка сол, 500-600 г брашно, 1 јајце за премачкување и сусам за наросување. За фил: Шунка, печеница или сувомеснато по избор, сирење по желба, павлака, оригано, кечап.
Постапка: Во еден длабок сад измешајте 200 мл млако млеко, 100 мл млака вода, 100 мл масло, 1 кесичка сув квасец и една лажичка шеќер.
Во брашното додадете сол, па постепено започнете да го додавате во смесата со квасецот. Мешајте прво со лажица, а потоа тестото замесете го со рака (не мора да го вадите на работна површина, се замесува во садот). Покријте го со фолија и оставете го на топло да стасува околу 20-30 минути.
За тоа време се приготвува филот: шунката исечкајте ја ситно, па додадете сечкана моцарела (или друго сирење, кашкавал, по избор). Сето соединете го со неколку лажици кисела павлака, па зачинете со оригано и малку кечап за вкус.
На набрашнета работна површина истресете го тестото, па со оклагија развлечете кора (ни премногу тенка, ни премногу дебела).
Вадете кругови со длабока чинија или друга модла (величината по ваш избор). Тестото од страните соберете го и повторно премесете го, па повторете ја постапката. На секој исечен круг ставете фил на едната страна, а со другата поклопете, па со прстот или виљушка притиснете за да се залепи од страните.
Изматете едно јајце, додадете 1-2 лажици млеко, па премачкајте ги панцеротите наредени во плех обложен со хартија за печење. Одозгора наросете сусам по желба. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени додека убаво да заруменат, околу 15-20 минути. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.