Последниве години популарен стана методот за обновување на косата со ферментирана оризова вода. Многумина го испробаа и презадоволни се со резултатите.

Подолу можете да го проследите и видеото во кое една девојка го споделува своето искуство и резулатите од користењето на овој извонреден препарат за брзо растење и обновување на косата. Како се приготвува оризовата вода и како се користи, прочитајте во продолжение на текстот.

Зрната на оризот содржат скроб дури до 75 – 80%. Водата од ориз се нарекува и ‘’скробна вода’’ која се приготвува со натопување или готвење на оризот.

Се смета дека оризовата вода содржи многу хранливи материи и витамини како: аминокиселини, Б – витамин, Е – витамин, антиоксиданси и други минерали. Според истражувачите, жените од Хејанскиот период во Јапонија имале здрава, цврста и долга коса до подот бидејќи ја користеле оризовата вода.

Современ еквивалент на оваа приказна се ‘’Yao’’ – девојките од Кина во близина на селото Хуанглуо. Тие се познати по тоа што имаат коса долга дури до 1,5 метар.

Покрај неверојатната должина, бојата на косата на овие девојки не обелува, а природната боја се задржува до 80-тите години. Девојките од Кина оддаваат чест на оваа посебна ‘’скробна’’ течност која лесно се приготвува.

Во последните години, салоните за убавина се придржуваат до оваа традиција на користење оризова вода, а моментално е и тренд во светот.

Придобивките од користењето на оризова вода се:

  • Косата станува помазна
  • Се зголемува нејзиниот сјај
  • Помага во растот и го забрзува
  • Косата не се заплеткува
  • Косата станува поцврста поради присуството на инозитол
  • Се подобрува нејзината еластичност

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

  • Сад со средна големина
  • Тегла
  • Ориз ¼
  • Вода ¾

ПОСТАПКА:

Оризот прелијте го со вода. Со раце добро промешајте го, околу 5 – 10 минути за добро да се навлажни. Оваа вода се фрла, а процедениот ориз се става во тегла.

Во теглата додадете чиста вода околу ¾. Затворете ја и добро протресете. Протресувањето во теглата е еден од најважните процеси бидејќи помага хранливите материи, витамините и минералите од оризот да навлезат во водата.

Вака приготвениот ориз со вода се остава на собна температура од 12 – 24 часа за да ферментира. Процесот на ферментација помага да се зголеми количеството на хранливи материи во водата, а процесот се забележува по заматувањето на водата.

Во ферментираната вода се размножува еден тип на квасец кој помага во обновувањето на клетките на скалпот.

Ферментираната, оризова вода има чуден мирис, па за да го подобрите, може да додадете кора од лимон или портокал. Откако водата ќе ферментира, добро процедете го оризот, а течноста кладирајте ја во шише со распрскувач. Пред употреба секогаш протресете го.

Употреба: Еден од најважните чекори, пред да ја нанесете оризовата вода е да ја измиете косата вообичаено.

Чистата и влажна коса (малку потсушена со пешкир) поделете ја на повеќе сегменти. Секој од нив испрскајте го со малку оризова вода, а потоа нежно измасирајте на скалпот. Посебно обратете внимание на коренот од косата.

Потоа постапката повторете ја уште еднаш. Оставете водата да делува околу 15 – 20 минути, а потоа само нежно исплакнете со вода.

Оризовата вода користете ја еднаш во 2 – 3 недели бидејќи миењето на косата со оризова вода е силен третман кој може да го иритира скалпот. Ако не ви предизвикува несакани реакции, тогаш користете го почесто.

МИЕЊЕ НА ЛИЦЕТО СО ОРИЗОВА ВОДА

Повторете ја постапката како што е претходно опишано, а откако ќе ја исфрлите нечистата вода, процедениот ориз прелијте го со вода и ставете го на оган да врие 10-тина минути. Тргнете го на страна и оставете го да олади уште десет минути. Потоа преку газа процедете ја течноста во тегла.

Оставете ја водата да отстои 12 часа на собна температура. Откако ќе ферментира, водата се чува во фрижидер, а треба дасе искористи најдоцна 3 – 4 дена.

Првиот начин да ја користите оризовата вода е на чинија да поставите чист пешкир кој ќе го потопите со ладна оризова вода, а потоа пешкирот ќе го ставите на лицето како маска.

Вториот начин е со чисти раце да се премиете со оризовата вода околу 3 – 4 пати, а потоа да продолжите со вообичаената рутина за нега на лицето.

Бенефиции од користењето на оризова вода за лице се:

  • Ладната оризова вода ќе ја релаксира вашата кожа
  • Се намалува појавата на акни и брчки
  • Наменета е за секоја возраст
  • Ја штити кожата од штетните УВ – зраци, но сепак користењето на хидратантна крема со фактор не треба да ја замените со оризова вода
  • Помага во лекувањето на изгорениците
  • За најдобар резултат користете до 2 пати неделно

Оризовата вода на секого му предизвикува различни реакции на кожата. Доколку вашата кожа е многу сензитивна, најдобро е да направите тест пред да почнете да ја користите редовно.

За НМД.мк текстот го приготви Мартина Христовска