Нашата почитувана и драга членка Зорица Наумовска го приготви сирупот од трендафил по традиционален рецепт кој го објави во групата НМД рецепти. Рецептот е одличен и најдобар од досегашните што можеме да ги најдеме во архивата.

Освен што убаво изгледа, старата сорта на ружи во себе крие неверојатни лековити својства. Во овој убав цвет се наоѓа вистинска ризиница од витамините А, Ц, Б3, Д и Е. Венечните ливчиња (латиците) се богати со етерични масла, тианин, шеќер, лимонска и винска киселина.

Сирупот од ружи е одличен за чување на здравјето на срцето и нервите. Ја прочистува крвта, ја смирува напнатоста, а освен тоа е одличен при воспаление на грлото, ревматизам, жолтица, за чистење на црниот дроб, во случај на вртоглавица, главоболки и нарушена цревна флора.

Се препорачува кај сите болести на дишните патишта и за сочувување на белите дробови. Исто така, успешно ги ублажува и менструалните тегоби.

Фото и рецепт: Зорица Наумовска – СИРУП ОД ЛАТИЦИ НА ТРЕНДАФИЛ

Здрави латици од трендафил, непрскани и по можност некалемени, се мијат убаво во длабок сад и се отстрануваат сите инсекти (доколку ги има).

Потоа се кинат латица по латица. Во тегла од 1 литар на дното се става 1 лажиче лимонтус, па латиците и на крај се налева со вода до врв. Се покрива со капак, но лабаво, да не се затвора, па се остава 7 дена да отстои на топло и темно место.

Откако ќе поминат 7 дена течноста се процедува низ цедалка покриена со двојна газа. Се мери течноста, па колку течност – толку шеќер се става да врие на среден оган и пред крај се додава уште 1 лажичка лимонтус.

Сирупот одокативно се проверува дали е готов, затоа што кога ќе излади тој згуснува уште повеќе. Готовиот сируп врел се складира во врели шишенца или едно поголемо. Рецептот е за 250 г цветови од трендафил. Се раствора со вода по вкус и се пие како сок.

ВТОР РЕЦЕПТ ЗА СИРУП

Наберете ги латиците, исчистете ги од инсекти и оставете ги 7 дена да се сушат. За да останат свежи, најдобро е да ги чувате затворени во некоја амбалажа, на темно и суво место, во сткалена тегла или лимена кутија.

Две полни раце латици прелијте ги со 500 мл зовриена вода и оставете да отстои 24 часа. Потоа процедете и додадете 250 г шеќер. Пред крај додадете сок од еден лимон и варете уште 5 минути. УПОТРЕБА: До 4 супени лажици дневно, како лек.

ЧАЈ ОД ЛАТИЦИ

Прелијте две лажици суви латици со 300 мл зовриена вода, оставете поклопено 10 минути. Потоа процедете и напитокот е спремен за употреба.