Фото и рецепт: Катрен Линда

Потребни состојки за активирање:

1 кесичка сув квасец
1 лажичка шеќер
100 мл млака вода

за домесување:

200 мл млака вода
1 лажица сол
50 мл масло
500 г брашно

и уште:

сусам за наросување
малку млеко и растопен путер за премачкување

Постапка:

Една кесичка сув квасец измешајте со 1 лажичка шеќер и 100 мл млака вода. Промешајте и оставете 10-тина минути на топло за да се активира квасецот.

Потоа додадете 200 мл млака вода, една лажица сол и 50 мл масло, па со постепено додавање на брашно (околу 500 г), замесете убаво мазно, средно меко тесто.

Измесеното тесто покријте го со пластична кеса и оставете го околу еден час да се удвои. Потоа формирајте мали топчиња (мене ми излегоа 15).

Со оклагија развлечете го секое топче во правоаголник и свиткајте кифла. Ако сакате сусам, тогаш во една чинија ставете сусам, а формираната кифла со четка премачкајте ја со вода на горниот дел за да биде влажен, па извалкајте ја во сусамот.

Вака приготвените кифли распоредете ги во плехот обложен со хартија за печење. Малку испрскајте ги со вода. Оставете ги покриени да стасуваат половина час.

Рерната загрејте ја на 250 степени. Ставете ги кифлите да се печат 5 минути, а потоа намалете на 220 степени. Печете ги вкуспни 15 минути.

Во едно мало тенџерче загрејте неколку лажици млеко и една лажица маргарин или путер. Со ова премачкајте ги одозгора готовите кифли.

Фото и рецепт: Катрен Линда