Домашниот сок од портокал и морков сигурно ќе ве освои со неговиот вкус. На сите им е омилен поради неговиот перфектен вкус. Без адитиви, без засилувачи на вкус и без вештачки бои. Единствено, мора да се чува во фрижидер.
Потребни состојки:
500 г портокал (3 портокали)
250 г моркови (2 поголеми)
400-500 г шеќер
2 лимонтуси
4-5 литри вода
Постапка:
Половина килограм портокали добро измијте ги. Во малку вода ставете една лажица сода бикарбона, па потопете ги портокалите и оставете ги половина час. Потоа измијте ги под млаз ладна вода.
Морковите убаво измијте ги и исчистете ги, па исечкајте ги на трклаца. На оваа количина ви се потребни околу два поголеми моркови.
Потоа исечкајте ги портокалите заедно со кората. По желба, можете да ја отстраните белата коричка од средината. Исечканите состојки ставете ги во подлабок сад, па додадете 400 г шеќер, 2 кесички лимонтус и 750 мл вода.
Садот ставете го на оган да зоврие. Промешајте, намалете ја температурата на умерено, поклопете го тенџерето и варете половина час. Проверете дали морковот е варен и мек.
Тенџерето со варените портокали и моркови тргнете го на страна и оставете да излади. Потоа добро испасирајте го во блендер или со помош на рачен миксер. Додадете вода до саканата густина (од 3 до 4 литри). При додавањето проверивајте го вкусот и густината, па количината на водата регулирајте ја сами.
Бидејќи сите портокали и моркови не се со иста блажина и ист вкус, мора добро да го промешате сокот и да го проверите вкусот, па по потреба да додадете уште шеќер (во видеото е додадено уште 100 г шеќер). Мешајте за да се растопи шеќерот, доколку додадете уште.
Сокот веднаш послужете го или складирајте го во шишиња и разладете го пред послужување. Деталите можете да ги погледнете во видеото: