Брза торта кога сте во гужва и немате многу време. Се прави многу едноставно, кремаста е и вкусна, а што е најважно не се пече, па не губите многу време околу тој дел. Рецептот е толку едноставен што може да го направи и тотален почетник, а тортата сигурно ќе успее.

Потребни состојки:

1 пакување крем кори Dr.Oetker

За жолт фил:

1 пакување крем за бела торта Dr.Oetker (или 2-3 пудинзи од ванила)
800 мл млеко
250 г маргарин/путер
160 г бело чоколадо
7-10 лажици шеќер по вкус

за бел фил:

1 кисела павлака (180 г)
350 мл газирана вода
100 г кокосово брашно
500 г шлаг

Постапка:

Од 800 мл млеко одвојте малку за да ја разматите содржината од кесичката за крем, а остатокот ставете го на оган. Додадете шеќер и мешајте за да се растопи.

Кога млекото ќе зоврие, намалете ја температурата, па додадете ја смесата и сварете со постојано мешање додека да добиете густ крем. Ако немате ваков крем, тогаш можете да сварите пудинг од ванила. Додека е топол кремот додадете исечкан путер на листови и мешајте додека тој да се растопи.

Исто така, додадете и 120 г бело чоколадо искршено на коцки, а остатокот оставете го за декорација. Добиениот крем тргнете го на страна да излади, а во меѓувреме пригответе го белиот фил. Изматете го шлагот со газирана вода, па во него додадете кокосово брашно и кисела павлака. Промешајте со шпатула за да се изедначи а потоа уште малку и со миксер.

Редење: кора, па жолт фил, па бел фил и повторувајте ја постапката додека да го потрошите целиот материјал.

Последната кора премачкајте ја со бел фил и одозгора наросете рендано бело чоколадо. Потоа оставете ја тортата во фрижидер да отстои неколку часови, а најдобро би било да преноќи за да можат корите убаво да омекнат.

Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: