Сум го запишала како “Брз колач за мрзливци”, некој така го нарекол, иако според мое мислење, мрзливците не прават никаков колач, тие само сакаат да јадат. Колачот навистина брзо и едноставно се приготвува, а има предобар вкус.

Потребни состојки:

500 мл слатка павлака
500 г кисела павлака
150 г шеќер
150 г чоколадо
10 петит бисквити или по желба
малку дробени лешници, ореви, бадеми или по желба

Постапка:

Изматете ја слатката павлака во шлаг. Додадете ја киселата павлака и шеќерот, па добро измиксајте додека да се изедначи во еднолична смеса. Чоколадото растопете го на пареа. Во еден сад или калап/куглоф ставете 1/3 од смесата, па наросете половина од мелените бисквити, лешници, ореви, бадеми..

Може да користите и само еден вид на јаткасто овошје или нешто што е по ваш вкус. Потоа полијте половина од растопеното чоколадо. Повторно нанесете смеса од шлаг и павлака, па повторете ја постапката со мелените бисквити и јаткастото овошје. Полијте со чоколадото.

Нанесете ја и последната третина од шлагот, па целиот колач оставете го преку ноќ во фрижидер за длабоко, добро да се замрзне.

Пред послужување извадете ја 15-тина минути за да се отпушти и да може да се сече. Колачот-сладолед можете да го послужите со чоколаден прелив или со прелив од вишни, по ваш избор.

Coolinarika.com