Преубавите шубари, познати уште и како руски капи, е еден од оние старински класични колачи кои ги сакаме сите, без исклучоци. Особено се истакнува нивниот преубав и впечатлив изглед.

Потребни состојки:

8 јајца
12 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
4 лажици вода
2 лажици масло
1 прашок за печиво
250 г брашно
1 лажица какао
плех со димензии 40х39 см, се пече на 180 степени околу 20-30 минути

За фил:

1 литар млеко
20 лажици шеќер + 2 ванилин шеќер
10 лажици брашно
250 г маргарин/путер

За глазура и наросување:

100 г кокос
100 г чоколадо + 2 лажици масло

Постапка:

Најпрво одвојте ги белките од жолчките. Жолчките пенасто изматете ги со 12 лажици шеќер и ванилин шеќер. Потоа додадете ја водата и маслото и продолжете со матење. Во посебен сад измешајте го брашното со 1-2 лажици какао и 1 прашок за печиво, па постепено додавајте го во смесата со жолчки.

Во посебен сад изматете ги белките во цврст снег, па постепено додадете го во другата смеса и изматете со миксер додека да се изедначи. Плехот намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него излејте ја целата смеса и израмнете ја. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20-тина минути.

За фил: Одвојте мала количина од млекото за да го промешате брашното, а остатокот заедно со шеќерот и ванилин шеќерот ставете го на оган за да зоврие.

Добиената смеса од млеко и брашно мора да биде мазна и да нема грутки. Постепено се додава во зовриеното млеко и се меша додека да згусне. Се трга на страна и се остава целосно да излади.

Путерот/маргаринот претходно омекнат на собна температура , пенасто се мати и се соединува со изладениот крем. Убаво изматениот и мазен крем се остава во фрижидер да се излади и сегне.

За тоа време се формираат кексите: Со помош на чаша се сечат кругови од кората која претходно сме ја одлепиле од хартијата. Треба да излезат парен број кругови, за да може да се спојуваат.

Секој круг филувајте го со кремот во висина од 2 прста, поклопете со вториот круг, а потоа нанесете од филот и странично, за да може да се налепи кокосот. Одозгора нанесете чоколадна глазура и по желба украсете. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: