Кога немате доволно време или не сте можеле одвечер да направите ручек, а кога ќе се вратите од работа сте “мртви гладни”, овој рецепт е вистинскиот за вас.
Потребно е да имате само три намирници кои веројатно веќе ги имате дома: Пилешко бело месо, супа од печурки и неутрална течна павлака за готвење.
Напомена: Ако досега не сте ја користеле течната павлака за готвење, внимавајте при купувањето, зошто ги има два вида. Онаа слатка течна павлака која се користи за торти и шлаг, и оваа нам што ни е потребна, која се користи за солени јадења, разни кремови и сосови за тестенини.
Потребни состојки:
500 г пилешко филе
1 литар течна павлака за готвење
2 кесички инстант супа од печурки
Постапка:
1.Белото месо измијте го со ладна вода и исечете го со остар нож на тенки парчиња. Може да го исечете и на коцки доколку така сакате.
2.Исеченото месо наредете го во огноотпорен сад, наросете го со супата од кесичките и на крај прелијте го со течната павлака за готвење.
3.Вака приготвениот сад ставете го во рерна на 200 степени и печете додека да зарумени одозгора.
За помалку од половина час ќе имате совршен ручек без мачење.
По желба во ова јадење можете да ставате и додатоци по вкус, како сечкана сланина, печурки или кашкавал/моцарела одозгора при запекувањето.
Уживајте во вкусното јадење.