Ова е една од повкусните торти кои сум ги пробала во последно време. Воопшто не е тешка, напротив, освежителна е.

Потребни состојки: 350 г мелени бисквити, 200 г мелени ореви, 250 г путер/маргарин, 200 г шеќер и 1 поголема кутија пишкоти. За крем:, 2 пудинг од ванила, 2 лажици брашно, 2 лажици густин, 10 лажици шеќер, 1 литар млеко, 250 г путер/маргарин, 6 банани и 500 мл слатка павлака за шлаг.

Постапка: Прво во еден сад измешајте ги оревите, бисквитите, шеќерот и растопениот путер. Смесата ставете ја во фрижидер за малку да се стегне, а потоа поделете ја на два еднакви делови. Едниот дел распоредете го на дното од калапот за торти и убаво со рака притиснете го за да добиете основа.

Со вториот дел направете го истото, но преку фолија за да можете подоцна да го пренесете на врвот од тортата. За крем: Измешајте го пудингот со шеќерот, брашното и густинот со малку млеко, а остатокот ставете го на оган.

Кога ќе зоврие додадете ја смесата и мешајте постојано додека да се згусне. Кремот тргнете го на страна за да се олади. Во изладениот крем кој повремено го промешувавте за да не фати коричка, додадете пенасто изматен путер и соединете ги.

Врз основата во калапот ставете една четвртина од кремот, врз него пишкоти кратко натопени во млеко, повторно дел крем, па банани исечени на тркалца, па повторно крем, па повторно ред пишкоти, последниот дел од кремот и на крај кората што ја формиравте со фолија.

Тортата е најдобро ако преноќи во фрижидер, па потоа да се тргне обрачот од калапот, да се премачка целата торта со шлаг и да се украси по желба.

Coolinarika.com