Меки и вкусни колачи со облик на руски шубари. Потребни состојки за кора: 4 јајца, 8 лажици шеќер, 7 лажици масло, 20 лажици брашно, 20 лажици млеко, 2/3 кесичка прашок за печиво и 2 лажици какао

Потребни состојки за ФИЛ: 2 пудунзи од ванила (80 г), 4 лажици густин, 4 -6 лажици шеќер (по вкус, зависи од чоколадото што ќе го користите), 800 мл млеко, 150 г бело чоколадо и 250 г путер

Потребни состојки за ГЛАЗУРА: 100 г црно чоколадо, 100 г бело чоколадо и малку масло. Уште е потребно: 100-150 г кокос Постапка за приготвување на кора: Изматете ги жолчките со шеќерот. Додадете брашно, прашок за печиво и какао, а потоа млеко и масло. Нежно промешајте.

Посебно изматете ги белките и внимателно додадете ги во претходната смеса мешајќи внимателно со лажица а не со миксер. Печете во тркалезен плех 35 см. Приготвување на ФИЛОТ: Во 100 мл ладно млеко или малку повеќе додадете ги пудинзите претходно измешани со густинот и шеќерот.

Остатокот од млекото (700 мл) загрејте го на оган па додадете ја претходната смеса со постојано мешање додека да згусне. Сварениот фил се трга од оган и се остава да излади (се прекрива со проѕирна фолија за да не фаќа кора).

Посебно изматете путер и додадете го изладениот фил, а на крај и истопеното бело чоколадо. Испечената и изладена кора сечете ја со чаша d=4.2см, па секој дел хоризонатлно пресечете го така да добиете два дела (а некогаш и на три ако е дебела кората).

Филот можете да го ставите малку во фрижидер да се стегне, потоа полесно се филува. Секоја капа се филува, се мачка малку од страните а потоа се тркала во кокосово брашно. Горната површина не се филува, на неа се става глазура од чоколадо по желба (двете чоколади се топат со малку масло на тивко;

со црното чоколадо се премачкува површината на капата, а белото чоколадо се става во кеса за замрзнување, се дупнува, па се прават мали кругови врз темното чоколадо додека не се стврднало;

шарата се прави со чепкалка за заби, повлекувајќи во една, па на друга страна, од центарот кон нанадвор, 4 пати, па спротивно помеѓу овие шари, исто така 4 пати. Ако не сакате да ги шарате капите, доволно е само црното чоколадо.)

coolinarika.com