Господи смирен и многу милостив, Кој и сега, одејќи на добороволни страдања, трпеливо го чекаш нашето обраќање и покајание, отвори им ги духовните очи на сите, за во ликот на смирениот и страдален Младоженец да те познаат Тебе, својот Творец, и барем сега во оваа света седмица да те следат до крај, низ Голготските страдања сѐ до блескавото и серадосно Твое Воскресение.
На светиот и велики понеделник, се сеќаваме на блажениот Јосиф, прекрасниот; се сеќаваме и, на од Господа проколнатата, исушена смоква.
Почнуваат светите страдања на нашиот Господ Исус Христос, а пред тоа, како на Негов праобраз, се сеќаваме на прекрасниот Јосиф. Јосиф беше син на патријархот Јаков, син којшто му го роди Рахила.
Омразен од своите браќа, заради некои сновиденија, Јосиф прво бива фрлен, од нив, во длабока јама, за потоа браќата, со крвавата облека, да го мамат татка си, дека Јосифа го растргнале ѕверовите.
Потем, за триесет сребреници Јосиф бива продаден на Исмаилќаните, коишто повторно го препродаваат на Петефриј, управникот на евнусите кај египетскиот цар – фараонот.
Кога фараоновата госпоѓа безумно се нафрлила на целомудрениот младич Јосиф, тој, несакајќи да направи безаконие, побегнал, оставајќи ја својата наметка. Таа го наклеветила пред господарот, и Јосиф бива фрлен во окови и мрачен затвор.
Потоа, поради толкувањето на соништата го изведуваат од затворот, го претставуваат пред царот, и Јосиф постанува господар на сета египетска земја. На крајот, при продавањето на пченицата, им се открива на своите браќа и благочестиво проживувајќи го целиот живот, умира во Египет, бивајќи сметан, покрај другите доблести, и за голем во целомудреноста.
Тој е праобраз на Христа, бидејќи и Христос страда од Неговите соплеменици, ученикот го продава за триесет сребреници, го фрлаат во темна, мрачна јама – во гроб, од кадешто самовласно станувајќи, се зацари над Египет, т.е. над секој грев, и целосно победувајќи го, владее над целиот свет и според човекољубието нè искупува со таинственото давање пченица (леб), предавајќи се Самиот Себеси за нас и хранејќи нè со лебот небесен – Своето животоносно Тело.
Од тие причини, сега се спомнува прекрасниот Јосиф. Заедно со тоа се сеќаваме и на исушената смоква од светото Евангелие, бидејќи божествените Евангелисти, токму Матеј и Марко, говорат за тоа веднаш после спомнувањето на гранчињата.
Таинственото толкување на Исидор Пелусиот е дека смоквата е дрвото на непослушанието, чиишто листови престапниците ги употребиле за покривање.
Причината за споредбата на гревот со смоквата е очигледен, бидејќи и гревот дава пријатно задоволство – гревовна наслада, но потоа доаѓа – горчината на совеста.
Всушност, отците тука го ставаат расказот за смоквата заради умиление, како и расказот за Јосиф – бидејќи е праобраз на Христа.
(Неплодна) смоква е секоја душа на којашто ѝ е туѓ секој духовен плод, којашто Господ наутро, т.е. после овој живот, не наоѓајќи се Себе во неа, ја исушува со клетва и ја фрла во оган вечен – и таа постанува како некаков исушен столб, којшто ги застрашува оние, коишто не донесуваат плодови достојни на доблести.