Фото и рецепт: Нермина Јордамовиќ
Потребни состојки:
6 белки
1 прстофат сол
60 г шеќер
50 г брашно
½ прашок за печиво
150 мл топло млеко за прелевање на кората
За фил:
650 мл млеко
6 жолчки
120 г шеќер
100 г брашно
малку арома од ванила
150 г путер или маргарин за кремот
За глазура:
100 г неутрална или слатка павлака (20% мм)
100 г чоколадо за готвење
* јас направив двојна доза, а кој не сака чоколадна глазура, може да стави шлаг
Постапка:
Плех со димензии 30х20 см малку намастете го и наросете го со брашно. Рерната загрејте ја на 200 степени.
Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Матете додека шеќерот целосно да се растопи и да добиете цврст снег.
Намалете ја брзината на најмала или рачно со шпатула додадете го брашното помешано со прашокот за печиво и внимателно промешајте додека убаво да се соедини со снегот.
Смесата мора да остане воздушеста и пенлива. Потоа рамномерно распоредете ја во плехот и ставете да се пече на 180 степени 20-тина минути. печената кора прелијте ја со меко за да омекне.
За фил: Со жица добро измешајте ги жолчките, шеќерот, брашното и аромата од ванила со 150 мл млеко. Преостанатото половина литар млеко ставете го на оган.
Млекото не мора да чекате да зоврие, туку кога се загрее истурете ја смесата од жолчки во него, па мешајте постојано на тивок оган додека да се згусне како пудинг. Внимавајте да не ви загори.
Кога кремот ќе згусне, тргнете го од оган, прекријте го со проѕирна фолија и оставете го да излади. Може да го ставите и во друг сад со ладна вода, па во фрижидер, за побрзо да излади.
Во добро оладениот крем изматете и путер на собна температура. Миксајте додека да се изедначи, а филот да стане кремаст. Премачкајте ја кората и ставете во фрижидер.
Глазура: загрејте ја слатката павлака, но внимавајте да не зоврие. Потоа додека е топла, во неа додадете чоколадо искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини.
Премачкајте го колачот со глазурата и оставете го во фрижидер добро да излади.
Според рецептот на Наталија Милодановиќ.