Во продолжение прочитајте 6 ефикасни рецепти за исфрлање на слузта од белите дробови и синусите (носот и грлото). Рецептите се едноставни, а се приготвуваат од состојки кои се лесно достапни и ги има речиси во секое домаќинство.
Доколку ве мачи слуз во грлото и белите дробови, фитотерапевтите препорачуваат напитоци од лековити билки кои поттикнуваат исфрлање на вишокот секрет и кои ја ублажуваат упорната кашлица.
За елиминирање на густиот и наталожен секрет, фитотерапевтите препорачуваат напитоци од бел слез, жалфија, ловоров лист и црна ротквица.
РЕЦЕПТ 1
Еве го првиот начин како да се исфрли секретот од грлото со помош на бел слез:
-Прелијте лажица исецкан корен од бел слез со 200 мл ладна вода и оставете поклопено да отстои 6 до 8 часа, а потоа процедете и пијте во мали голтки.
Вака приготвениот чај за искашлување на секретот се пие до двапати дневно и тоа без шеќер.
РЕЦЕПТ 2
Како исклучително ефикасен природен лек за подобро исфрлање на секретот кај деца и возрасни, се покажал белиот слез во интересна чајна мешавина со ленено семе и жалфија.
-Измешајте по една лажица корен од бел слез, ленено семе и сува жалфија. Во еден сад ставете 250 мл вода, па додадете 100 г интегрален шеќер.
Кога шеќерот ќе се растопи додадете ја мешавината од билки и еден добро измиен лимон и исечен на парчиња.
Се вари на умерен оган 15 минути, а потоа се трга од шпорет и се процедува. Од овој сируп се зема по лажичка 4 пати на ден, се додека да се почувствува подобрување. Сирупот е најдобро да се чува во фрижидер.
РЕЦЕПТ 3
Исфрлање на секрет од белите дробови со црна ротквица и црвен кромид:
Во блендер ставете 250 мл лимонов сок, една полна шолја мед, една главица црвен кромид и една поголема главица црна ротквица, излупена и исечена на парчиња. Изблендирајте сè додека да добиете фина хомогена смеса.
Потоа складирајте ја во стаклена тегла и чувајте во фрижидер, па оставете да отстои една седмица. Потоа, трипати дневно консумирајте го овој сируп за искашлување и тоа по една лажица, 30 минути пред главните оброци.
РЕЦЕПТ 4
Сируп од пиво и интегрален шеќер за искашлување на секрет од грло:
Во поголем сад ставете 150 г интегрален шеќер и загрејте го на умерена температура додека да се растопи и добие карамел боја. Потоа додадете 500 мл пиво и варете 20-тина минути додека да се добие сируп малку поредок од медот.
Тргнете од оган и оставете поклопено да излади, а потоа сирупот складирајте го во стаклена тегла и чувајте во фрижидер. Консумирајте по супена лажица пред најважните оброци трипати во текот на денот.
РЕЦЕПТ 5
Природен лек за искашлување на секретот кај деца:
Едно од решенијата за смирување на кашлицата и исфрлање на секретот кај децата е благиот чај од липа. Ако го користите повеќе денови, ќе ја ублажите кашлицата и ќе го забрзате исфрлањето на наталожениот секрет.
Овој чај исто така поттикнува потење, што е важно во случај на грип настинка и вироза. Се пие секогаш додека е топол, наутро и навечер, а се приготвува многу лесно:
Две мали лажички цвет од липа се прелеваат со 500 мл зовриена вода. Се остава 20 минути поклопено, по што се процедува. Чајот засладете го со квалитетен мед, додадете му и лимонов сок по вкус.
РЕЦЕПТ 6
Исфрлање на секретот од грло и нос со помош на ловоров лист:
На умерен оган растопете 250 г интегрален шеќер додека да зарумени, но внимавајте да не загори. Додадете 250 мл вода, 3 лажички жалфија и 3 издробени ловорови листови. Кога ќе проврие варете уште 3 минути, а потоа тргнете од оган и оставете поклопено да излади.
Чувајте во стаклено шише, на ладно и темно место. Се консумира по супена лажица 3-4 пати дневно, по потреба, додека да се исфрла целиот секрет и да се смири кашлицата.