Home посни колачи Посен колач со јаболка, ореви и карамел – брз, лесен и вкусен

Посен колач со јаболка, ореви и карамел – брз, лесен и вкусен

Фотографија и рецепт: Драган Страшеноски. Рецептот за овој прекрасен посен колач го објави нашиот драг член Драган Страшеноски во нашата и ваша група НМД рецепти.

Тој за колачот вели: „Ореви има, баклава не е. Карамел има, трилече не е. Јаболка има, пита не е. Дури и јас не знам што е, ама знам посно е”, а ние би додале и многу, многу вкусно.

Потребни состојки: 4 рендани јаболка, 10 лажици мелени ореви, 2 чаши вода, ¼ чаша масло, 15 лажици шеќер, брашно по потреба, 2 прашок за печиво и ½ лажиче сода бикарбона.

За сируп: 20 лажици шеќер, 1,5 чаша вода, 2 лажици рум и карамел за премачкување одозгора.

За мерење се користи чаша од 250 мл.

Постапка: Јаболката се мијат, се лупат и рендаат. Им се додаваат десет лажици мелени ореви, 2 чаши вода, ¼ чаша масло и 15 лажици шеќер.

Се меша со лажица.Потоа, во добиената смеса постепено се додава брашно додека да се добие средна густина.

Се промешуваат и двата прашоци за печиво и половина лажичка сода бикарбона.

Смесата се излева во плех обложен со хартија (со средна величина) и се става да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени со вентилатор, околу 40 минути.

За сируп: Во тенџере ставаме 20 лажици шеќер и налеваме една и пол чаша вода. Ги зовриваме. Откако ќе го тргнеме тенџерето од оган му додаваме 2 лажици рум.

Печената кора ја вадиме од калапот и ја ставаме наопаку. Ја сечеме на коцки и налеваме топол шербет на ладна кора. Врз сето тоа премачкуваме карамел.

Фото и рецепт: Драган Страшеноски