Рецептот за овој прекрасен, ароматичен куглоф со портокали го објави нашата драга Рената Трајчевска во нашата и ваша група НМД рецепти.
Фото и рецепт: Рената Трајчевска
Потребни состојки:
(Мерките се со чаша од 250 мл)
4 јајца (Л величина)
1 чаша интегрален, кафеав шеќер
½ чаша бел шеќер (може и без него)
1 чаша маслиново масло
2 чаши јогурт
4-5 портокали, излушени и сечкани на коцки
4 чаши брашно (јас користев 2 чаши оризово и 2 чаши бело брашно)
1 прашок за печиво
2 ванилин шеќер
1 прстофат (1/8 лажичка) мускатно оревче
1 прстофат (1/8 лажичка) мелен анасон
рендана кора од портокал по желба
Постапка:
Јајцата се матат пенасто заедно со шеќерот додека тој да се растопи и да добиете густа смеса. Постепено, една по една се додаваат останатите состојки и убаво се промешува за да се изедначи смесата.
На крај се додаваат сечканите портокали и се зачинува по вкус со мускатно оревче и мелен анасон. Се промешува и добиената смеса се излева во претходно намастен и набрашнет калап за куглоф.
Се пече во загреана рерна на 180 степени околу еден час или според вашата рерна. Проверете со чепкалка или тенка долга игла, треба да излезе чиста откако ќе го боцнете куглофот.
Фото и рецепт: Рената Трајчевска