ЛЕКОВИТ ЧАЈ СО ГРЕЕНА РАКИЈА

Кога ќе се спомене овој специјалитет, јас си споменувам на моите догодовштини од детството… Во домот на мојот дедо честопати во текот на зимскиот период се чувствуваше мирисот на греена ракија, а на масата секогаш имаше туршија и лути пиперки. На дедо му доаѓаше пријател од соседното село, па си расправаа за некои времиња пред и после вој ната…го пиеја овој мирисен напиток говорејќи: Добар е овој чај, жолт, лут…

Како и секое дете, љубопитноста не ми даваше мир, па еднаш се дофатив за лончето во кое се готвеше овој суперчај и го “мавнав” речиси половината и се комирав… Ми раскажуваа потоа што сè не сум правела, уште како мајмунче што не сум се качила на лустерот… Еве, го препорачувам во малку полесна варијанта.

Потребни состојки: 300 мл ракија, 100 мл вода, 200 г шеќер и 1 кесичка чај од лимон или лимета

Постапка: На тивок оган загрејте еден сад со дебело дно, па додадете шеќер. Мешајте додека да се растопи и карамелизира. Кога шеќерот ќе се запржи, додадете 100 мл вода, оставете да проврие и добие темно златна карамел боја.

Потоа додадете ја ракијата и мешајте додека сè да се растопи и зоврие на тивко. Ова би била прочуената “врела” ракија на дедо ми.

Јас во вака зготвената ракија додавам и кесичка чај од лимон, може и шумско овошје. Има одличен вкус. Се пие и се мези со пршута, сланина, лук.. ги брка вирусите и бактериите.

Можете да ја приготвите и по следниот рецепт: Обично се приготвува од “меки” сливи…Одлична за зимски денови, го загрева телото и рацете, грлото и стомакот…и душата…

Потребни состојки: 1 лажица шеќер, 200 мл ракијаи 100 мл вода

Постапка: Во гезве ставете шеќер, па на оган да се растопи и карамелизира. Промешајте. Додадете ја ракијата, а потоа разблажете со вода по желба, а ако ја сакате силна ракијата, не мора да додавате вода. Оставете да зоврие.

Сервирајте во чашички и полека пијте. Покрај ова е потребно добро, силно месе, на пример пршута и кашкавал. Остатокот оставете го покрај шпоретот, да биде топло.

Coolinarika.com