За овој колач дознав одамна од една драга пријателка. Таа го нарече “Мрзлива жена” зошто потребни се 10-15 минути за да се направи.

Потребни состојки:

-петит бисквити
-пудинг (вкус по желба)
-млеко
-шеќер

Постапка:

Намерно не ги напишав количините на состојките, токму затоа што колачот го редите по сопствена желба. Можете да го редите во било каков сад, во плех, во огноотпорен сад, калап за торти… кој како сака!

Во калапот што сте го одбрале наредете еден ред бисквити. Не е потребно да ги натопувате во млеко, бидејќи врз нив се става врел пудинг и тој ќе ги омекне.

Потоа, пудингот сварете го на вообичаен начин, според упатството на кесичката и веднаш прелијте го врз бисквитите. Врз врелиот пудинг веднаш наредете нов ред бисквити.

Сварете друг пудинг, прелијте го и него врз бисквитите, па наредете повторно бисквити. И така по ред…зависи колку редови сакате да имате. И тоа е тоа!

Јас овојпат правев со пудинг од ванила и од чоколадо, да речеме “класична верзија”. Вие можете да користите вкус по ваш избор, можете во секој ред да ставате различен вкус.

Или можете да ставите прв ред бисквити, па пудинг од ванила, па да наредите чоко-бананчиња, па да прелиете со пудинг од ванила. Вака направив минатата година и сите беа воодушевени.

Или…пудинг од ванила, па од јагода, па од чоколадо. Или на пример, да направите пудинзи од ванила, а во едниот дел да промешате 50 г кокос.

Има безброј варијанти, се надевам дека ме сфативте. Само пуштете ја фантазијата и правете како ви се допаѓа.

Единствено што секако препорачувам, е колачот добро, добро да се олади и да го оставите добро да се стегне, а бисквитите да омекнат.

Оставете го најмалку 3-4 часа во фрижидер или преку цела ноќ.

Coolinarika.com