Фото и рецепт: Мала Сања

Добош торта за мене секогаш беше свечена торта која се прави за родендени и празници, па бидејќи не сум многу вешта, никогаш не ја правев. Секогаш се “гребев” кај сестра ми. Но, овој рецепт е толку едноставен и успева гарантирано, што е голем штета да чекате некој повод за да ја направите и да уживате во нејзиниот вкус. Направете ја уште денеска!

Потребни состојки за 7 кори:

6 жолчки
150 г шеќер
120 г брашно
6 белки
малку сол

За крем:

4 цели јајца
200 г шеќер
1 мешунка ванила или ванилин шеќер/екстракт од ванила…што имате при рака
100 г многу темно чоколадо, тоа се 4 реда
250 г омекант путер или маргарин

Постапка:

Белките цврсто изматете ги со миксер и прстофат сол. Од жолчките, шеќерот и брашното направете мазна смеса и полека, малку по малку додавајте во снегот од белки.

На хартија за печење со помош на модла исцртајте 7 кругови со пречник од 24 см и на секој круг ставете по три лажици од тестото. Израмнете.

Секоја кора печете ја во загреана рерна на 180 степени околу 5-6 минути. Секоја кора посебно, (јас печев по три одеднаш, вие ориентирајте се според вашата рерна).

Печените кори заедно со хартијата оставете ги да се ладат, а хартијата ќе ја извадите дури кога ќе ја филувате тортата.

За фил: јајцата и шеќерот изматете ги со жица на многу тивок оган (или со миксер, на пареа), па додадете ванила и мешајте додека смесата да се згусне. Додадете чоколадо искршено на коцки, па заедно убаво промешајте го за да се соедини.

Во изладениот крем додавајте малку по малку од омекнатиот путер и убаво пенасто изматете го. Со овој крем се филуваат корите.

Бидејќи ова е “брзинска” добош торта за обично неделно попладне и бидејќи моите дома не сакаат пржен шеќер, јас целата кора ја премачкав со фил и малку ја украсив со рендано бело и темно чоколадо.

Рецептот е од Големиот прирачник за готвење – теорија и пракса од Мира Вучетиќ од 1939 година.

Coolinarika.com