Фото и рецепт: Лилјана
Мислам дека нема некој кој не ужива во вкусот на чоколадо, нутела и лешници.
Потребни состојки:
6 јајца
100 г шеќер
1 прстофат сол
25 г какао
2 лажици густин
180 г чоколадо (над 50%)
2 лажици врела вода
За крем:
250 г маскарпоне (вид кремасто сирење)
250 г нутела
150 г пржени, лупени, грубо мелени лешници
за глазура:
200 г темно чоколадо
25 г путер
50 г пржени, лупени, грубо мелени лешници
Постапка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Плехот од рерна обложете го со хартија за печење.
За кора: Одвојте ги жолчките од белките. Чоколадото растопете го на пареа.
Белките изматете ги во цврст снег со прстофат сол. Жолчките измиксајте ги со шеќерот додека да згуснат и побелат. Додадете претходно измешани и просеани какао и густин.
Потоа додадете го растопеното чоколадо и миксајте додека да се соедини во еднолична смеса. Додадете и две лажици врела вода. На крај нежно соединете ја смесата со снегот од белки, внимателно мешајќи со лажица (со превртување, за да остане смесата воздушеста).
Рамномерно нанесете ја смесата во плехот и ставете да се пече во загреаната рерна вкупно 13 минути.
Подгответе влажна крпа додека се пече кората (крпата не смее да има мирис на омекнувач, за да не го промени мирисот на кората).
Кога кората ќе ја извадите од рерна, наросете ја со какао и покријте ја со проѕирна фолија. Префрлете ја врз влажната крпа со онаа страна на која е хартијата, па свиткајте заедно со крпата во ролат. Оставете да се излади на собна температура.
За крем: Измиксајте го крем сирењето и нутелата, па додадете ги лешниците. Кога кората ќе биде изладена, одвиткајте ја, отстранете ја фолијата, премачкајте ја со кремот и повторно завиткајте. Додека го виткате ролатот, овојпат одлепувајте ја хартијата за печење. Ролатот ставете го во фрижидер додека ја приготвувате глазурата.
За глазура: на пареа растопете го чоколадото и путерот. Ролатот ставете го на решетка или на хартија за печење (може да ја искористите истата хартија на која се печеше кората) и премачкајте го со глазурата. Одозгора наросете лешници, па повторно вратете го во фрижидер добро да се стегне.
Ролатот е доста цврст, така што едноставно се отстранува хартијата и се префрла врз чинија за послужување.
Половиначас пред послужување извадете го ролатот за малку да се отпушти.
Напомена: Готовиот ролат може да се завитка во проѕирна фолија и да се чува во фрижидер или да се транспортира без да се оштети.
Фото и рецепт: Лилјана
Coolinarika.com