Ова е еден од најбрзите колачи што постојат. Состојките ,верувам, секое домаќинство ги има, а овошјето може да го менувате по желба. Може да ставате праски, кајсии, секое црвено овошје, било кое… да не ги набројувам сите.

Потребни состојки:

1 литар млеко
3 пудинзи од ванила (секој од по 40 г)
10 лажици шеќер
200 г путер или маргарин
400 г бисквити
400 г овошје по избор (во овој колач се јагоди)
шлаг или слатка павлака за украсување одозгора

Постапка:

Измешајте ги пудинзите и шеќерот со 200 мл ладно млеко.

Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, а потоа сварете го со разматениот пудинг. Мешајте постојано додека смесата да се згусне.

Сварениот пудинг тргнете го од оган и додадете го исечканиот путер, па мешајте додека да се растопи и целосно да се соедини со пудингот.

Потоа додадете 300 г ситно искршени бисквити, измешајте, па потоа додадете го исечканоо овошје.

Убаво со лесни движења промешајте со лажица за да се распоредат состојките.

Плех со средна величина обложете го со проѕирна фолија или кеса, па во него распоредете ја смесата. Израмнете. Преку целата површина наредете ги преостанатите 100 г бисквити, претходно малку натопени во млеко. Притиснете полека со дланката за да се залепат.

Колачот оставете го во фрижидер да се излади и убаво да се стегне (прво на собна температура, а потоа во фрижидер).

Откако ќе излади колачот превртете го врз тацна за послужување, а одозгора украсете со изматен шалг или слатка павлака. Сечете и послужете. Уживајте во вкусот.