Фото и рецепт: Весна
Пред некој ден кумата ми испрати порака дека ќе помине на кафе и дека ќе ни донесе нешто за вечера. Почнав да и типкам, да не ни носи ништо, зошто ние не вечераме… После долго истипканата реченица, сепак се предомислив за да не ја навредам, па и напишав само ОК.
Кога стигна кумата, ми беше сомнително зошто немаше никаква кеса во рацете… После некое време, од торбата извади лист хартија со рецепт, кој она го испробала… -Кумо моја, еве ја направив погачата за појадок, одлична е!
Потребни состојки: 600-700 г вкупно брашно, 100 мл топло млеко, 1 коцка свеж квасец+лажичка шеќер+лажица брашно, 1 лажица сол, 1 чаша (200 мл) јогурт малку затоплен, 3 жолчки и 125 г омекнат маргарин/путер. За фил: 250 г тенко сечена или рендана шунка/салама, 125 г маргарин/путер, 250 г фета сирење изгмечено. И уште: 1 јајце за премачкување одозгора
Постапка: Во топлото млеко издробете го квасецот па додадете ги шеќерот и брашното. Промешајте да се растопат и соединат, па оставете го 10-тина минути на топло за да се активира.
За тоа време просејте го брашното (важно е овој чекор, за сите теста да бидат убави). Посолете го, додадете го омекнатиот путер, жолчките, јогуртот и активираниот квасец.
Замесете го тестото. Прво со лажица ли миксер, а потоа измесете го на набрашнета површина со раце. Секогаш од брашното тргам на страна 5-6 лажици, па ако е потребно ги додавам. А некогаш е потребно и плус уште некоја лажица.
Тестото оставете го во сад на топло место да стасува околу еден час додека убаво да се удвои и да го исполни садот. Кога ќе го пресечете на половина и ќе се види дека е шупливо, се знае дека питата ќе биде одлична.
Обично ваквите теста ги замесувам одвечер, па ги премесувам и ги оставам преку ноќ во фрижидер. Следниот ден тоа внатре повторно си стасува, па продолжувам со работата. Фета сирењето се гмечи и се меша со омекнатиот путер. Јас ставив маст. Шунката исечкајте ја или изрендајте ја.
Половина од тестото развлечете го со окладија, па премачкајте со половина ос смесата со сирење и путер. Наредете и половина од шунката. Со дланките малку притиснете врз филот. Краевите од тестото премачкајте ги со вода за подобро да се залепат. Па, започнете да го виткате во ролат.
Свитканата кора со навлажнети раце малку издолжете ја, па пресечете ја по должина. Притиснете ги малку краевите за да не испаѓа филот. Сега е потребно само да ја свиткате.
Свитканата јуфка свиткајте ја во вид на полжав во средината од тепсијата (32 см). Се усукува и другата половина и се реди во продолжение на првата, спирално, во вид на полжав.
Истата постапка се повторува и со втората половина од тестото. Погачата се премачкува со изматено јајце или само со жолчка. Одозгора може да се нароси со сусам. Погачата ставете ја да се пече во загреана рерна на 180-200 степени, во зависност од рерната околу половина час.