Фото и рецепт: Марина Станојевиќ
Овој ролат ако додека е свиткан во проѕирна фолија може да го чувате една седмица во фрижидер без да се расипе и да изгуби од својот вкус и квалитет. Секое утро може да си отсекувате по едно парче за да уживате заедно со кафето или чајот и така убаво да го започнете вашиот ден.
Потребни состојки за прв дел:
150 г шеќер
500 мл вода
500 г суви смокви
80 г мелени посни бисквити
Потребни состојки за втор дел:
100 г шеќер
300 мл вода
50 г маргарин
250 г мелени ореви
5 г цимет
Постапка за првиот дел:
Сомелете ги сувите смокви со машина за мелење месо. Во тенџере ставете вода и шеќер, па варете неколку минути додека да добиете сируп. Потоа тргнете од оган и додадете ги мелените смокви, промешајте, па потоа додадете ги и мелените бисквити.
Смесата распоредете ја на парче проѕирна фолија, па прекријте ја со друго парче. Потоа прво со прстите, а потоа со оклагија развлечете ја смесата во правоаголник.
Постапка за вториот дел:
Оревите сомелете ги или иситнете ги со сецко. Сварете ја водата со шеќерот, додадете коцкички маргарин, па кога ќе се растопи додадете ги оревите и малку цимет. Смесата развлечете ја на ист начин како и претходната.
Завршна постапка:
Тргнете ги готните фолии од двата дела, а онаа со оревите подигнете ја и префрлете ја преку делот со смоквите.
Поминете со оклагија за да се соединат двата слоја. Тргнете ја горната фолија (онаа врз слојот со оревите) и полека, но заедно и цврсто свиткајте ги во ролат.
Ставете го во фрижидер и кога доволно ќе излади сечете го на парчиња.
Совет: Фолиите наросете ги со шеќер во прав за полесно да се одвојуваат, а и самиот ролат можете исто така да го извалкате во шеќер во прав и така да го чувате.