Многу вкусни погачици кои се печат во рерна без дополнителни маснотии.
Потребни состојки: 250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додадете и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус.
Постапка: Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додадете и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.
вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додадете сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.
Додадете го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см.
Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење. Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат.