Ова е дефинитивно рецепт кој мора да го пробате. Иако е посен, вкусот му е фантастичен. Многу брзо и лесно се приготвува.

Потребни состојки за темен фил:

200 г мелени посни бисквити
3-4 лажици шеќер во прав (по вкус)
1 лажица ванилин шеќер
150 мл топла вода
3 лажици какао

Потребни состојки за белиот фил:

200 г маргарин на собна температура
150 г кокос
1 лажичка ванилин шеќер
2 лажици шеќер во прав
50 мл топла вода

Постапка:

Прво: Маргаринот исечкајте го на листови и оставете го да омекне на собна температура.

За темен фил: Во еден сад ставете ги мелените бисквити, ванилин шеќер, какаото, шеќерот во прав и убаво со лажица промешајте за да се изедначат состојките.

Малку по малку додавајте топла вода и мешајте за таа полека да се впива. Добро измешајте додека да добиете фина, мазна смеса како пластелин.

Исечете две правоаголни парчиња алуминиумска фолија и премачкајте ги со кокосово или некое друго масло.

Ставете ја кафеавата смеса врз едното парче фолија и со рацете обликувајте правоаголник. Одозгора покријте го со другото парче алу-фолија, па со помош на оклагија развлечете поголема кора.

За светлиот фил: Во исечканиот маргарин кој е омекнат на собна температура додадете шеќер во прав и пенасто изматете го со миксер. Додадете го кокосот и ванилата па продолжете со матење. Додека миксате при крај додадете ја топлата вода во тенок млаз.

Добиениот светол фил рамномерно нанесете го врз кафеавиот дел, покријте со алуминиумска фолија и со оклагија рамномерно развлечете.

Потоа внимателно со помош на фолијата свиткајте го ролатот и оставете го неколку часови во фрижидер за да се стегне.

Одвиткајте го од фолијата и сечете на парчиња со дебелина од 1-1,5 см.

Деталите околу постапката можете да ги погледнете во видеото: