Фото и рецепт: Сибинка. Овој прочуен старски колач е еден од најубавите рецепти напишан за „ситни колачи”, идеален за слави, родендени и други празници. Порано се приготвуваше со особено задоволство, зашто сите очекуваа да ги има на трпезата. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

4 помали обланди (или 2 големи, па преполовете ги)

I ФИЛ:

200 г суви смокви
100 г суво грозје
1 постокал – сок
50 -100 г шеќер во прав по вкус

II ФИЛ:

200 г мелени ореви
100 мл врело млеко
100 г шеќер во прав
1 лажица рум

III ФИЛ:

4 жолчки
100 г шеќер во прав
½ лимон – сок
150 г путер/маргарин

За глазура:

100 г чоколадо за готвење
10 лажички масло

Постапка:

Прв фил: Смоквите, сувото грозје заедно со сокот од портокали сомелете ги (најдобро во блендер), па на крај додајте шеќер.

Втор фил: Измешајте го врелото млеко со ореви, шеќер и рум.

Трет фил: Жолчките изматете ги со шеќерот додека да запенат убаво, па сварете ги на пареа додека да згуснат како крем, па тргнете од оган и оставете да излади. Потоа додајте сок од лимон и изматен путер кој исто така претходно омекнал на собна температура.

Редење: обланда – 1.фил – обланда – 2.фил – обланда – 3.фил – обланда.

Оставете малку да се стегне па потоа прелијте ја одозгора со глазура.

Напомена: Во филот со смокви ставете шеќер по вкус. Јас ставив 50 г зошто сувите смокви беа доста слатки, а вие ставете по сопствен вкус.

Фото и рецепт: Сибинка