Многу брза подготовка, пробајте, ова е нешто што постојано ќе ви го бараат да им го правите…млад спанаќ и фета сирење…неодолив вкус!

Дадените состојки се доволни за 4 палачинки, верувајте првпат кога ги направив веднаш ги изедоа и бараа уште. Следниот пат направив двојна доза и повторно истото се случи. Сега правам по три двојни дози и уште им е малку…

Потребни состојки:

2 шолји меко брашно (300 г)
1 лажица маслиново масло
½ сув квасец – 3,5 г
1 лажичка шеќер
½ лажичка сол
1 шолја топла вода (200 мл)

за фил:

150 г млад спанаќ
150 г фета сирење
сол, бел пипер или црн по вкус
маслиново масло за премачкување

Постапка:

Квасецот и шеќерот прелијте ги со топла вода и оставете така да отстои неколку минути додека да запени и да се активира.

Во просеаното брашно додадете го активираниот квасец и една лажица маслиново масло, па замесете мазно тесто. Тестото покријте го и оставете го 20 минути.

Потоа поделете го на 8 еднакви делови, покријте ги и оставете ги да одморат уште 10-15 минути.

Секое топче развлечете го во тенка кора. Филувајте со четвртина од спанаќот и сирењето, зачинете по вкус и поклопете со друга таква кора.

Рабовите спојте ги со прсти и виљушка, па палачинката испржете ја на умерена температура во сува нелеплива тава.

Секоја палачинка се пече по 2-3 минути, се врти и се премачкува со маслиново масло.

Палачинката се пече уште 2-3 минути, додека од двете страни да добие убава боја.