Симптомите за уринарни инфекции се: зачестено и болно мокрење, како и болка во долниот дел на стомакот или во слабинскиот предел.
Органите на уринарниот систем учествуваат во регулација на волуменот и составот на телесните течности во организмот. Со посредство на уринарниот тракт од крвната плазма се елиминираат сите штетни материи, како и вишокот вода и електролити, а притоа се создава урина.
Многу е важно во организмот да се внесува доволно течности за да може овој систем непречено да ја обавува својата функција.
Под дејство на различни фактори може да дојде до заболување на уринарните канали, а најчестите болести се:
-Инфекции на уринарниот тракт, особено кај жените, камења во уротрактот, заболување на простата и пореметувања во мокрењето. Потоа доаѓа до онколошки заболувања, кои за жал последниве години се во пораст.
Кога микроорганизмите од дебелото црево ќе продрат во уретрата (одводен канал кој од мочниот меур урината ја исфрла надвор), доаѓа до уринарна инфекција. Во 80% од случаите предизвикувач е ешерихија коли.
Симптомите за уринарни инфекции се зачестено и болно мокрење, како и болка во долниот дел од стомакот или во слабинскиот предел. Може да дојде до појава на зголемена телесна температура, мачнина, повраќање. Урината може да ја промени бојата од светло жолта, што е нормално, до темно кафеава и црвена, а мирисот на урината може да биде непријатен.
Калкулозни болести на уротрактот подразбира појава на камења во шуплините на уролошките органи: бубрег, уретер (канал кој го спојува бубрегот со мочниот меур), мочен меур, уретра.
Камењата се создаваат на оние места каде протокот на урината е слаб, односно каде шуплините се големи, а тоа се бубрежните чашки, бубрежната карлица и мочниот меур. Иако тука примарно се создаваат, на овие места може да се задржат подолго време без да прават пречки и без симптоми. Дури кога каменот ќе се придвижи и ќе се заглави во некој канал, доаѓа до интензивни симптоми како што се бубрежни колики и ретенција на урината (неможност за уринирање).
Во најголем број од случаите, камењата предизвикуваат многу бурни симптоми, а тоа е ренална колика или бубрежен напад. Тие болки се опишуваат како најсилни што човекот може да ги искуси. Жените често наведуваат дека тие болки се дури посилни и поболни од породилните.
Пореметувањето на мокрењето се карактеризира со неможност за празнење на мочниот меур или мокрење со полн мочен меур, при сочувана функција на бубрегот. Може да се појави ненадејно, како акутно пореметување, кое ако не се лекува може да премине во хронично заболување.
Појава на крв во урината без никакви болки, па макар да се појави и само при едно мокрење, често е знак за присуство на малиген тумор на бубрегот или на уринарните патишта или на мочниот меур.
Веќе првата безболна крв во урината е знак за аларм и неопходно е што поскоро да се направи детално испитување на уринарниот тракт за да се исклучи или потврди присуството на тумор во уринарниот тракт и веднаш да се започне со неопходното лекување.
Туморите на мочниот меур спаѓаат меѓу најчестите и се јавуваат почесто кај повозрасната женска популација. Најчесто успешно се отстранува со операивен зафат, но потребни се редовни контроли поради високиот ризик туморот да се појави повторно.