Нема ништо поубаво од мирисот на топол домашен леб кој веќе од рерната додека се пече, ве мами со својот мирис. Ова е рецепт за домашен леб кој дури е подобар од купечкиот. Мора да го пробате, едноставно се приготвува а излегува фантастично.

Потребни состојки:

15 г квасец
1 лажица шеќер
1 лажица сол
200 мл вода
50 мл масло
400 г брашно

Постапка:

Во топла вода издробете го квасецот, додадете шеќер и малку брашно, промешајте да се растопи и изедначи. Мешајте со лажица, па додадете уште брашно и речиси целото масло (оставете две лажици на страна) и сол па повторно мешајте.

Мешајте малку подолго за да се соединат сите состојки, за подоцна пократко да се меси, така е полесно.

Кога убаво се соединило, додадете уште брашно, па започнете со месење на тестото. Јас првобитно потрошив 350 грама брашно, плус уште 50 грама после за премесување.

Измесеното тесто обликувајте го во топка, намастете го со оние две лажици масло што ги тргнавте на страна, па оставете го околу еден час да кисне и да ја удвои големината. Потоа премесете го тестото и развлечете го во лента со димензии приближно 50 см должина и 20 см ширина.

Свиткајте ја кората и притиснете лесно за да нема воздух помеѓу. Намастете ја тепсијата, ставете хартија за печење, па ставете го лебот. Направете мали засеци одозгора, зошто ќе расте лебот тие ќе се рашират.

Оставете да кисне 15 минути, а потоа вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Кога рерната ќе се загрее, лебот би требало веќе да е нараснат.

Ставете го да се пече околу 15 минути, во зависност од рерната. После печењето оставете го во тепсијата и само покријте го со памучна крпа додека да излади. Потоа убаво ќе се сече.