Јас го знам како „сатараш“ така ми е пренесено, но можеби ова јадење има и други имиња…

Потребни состојки:

Малку масло
4 главици црвен кромид
Малку шеќер
3-4 средни пиперки (бабури, а може и обични или мешано)
1 чајна лажица сув зачин (вегета)
1 голема конзерва домати (околу 800 г бруто тежина или околу 500 г домати))
Црн пипер по желба

За ориз:

Малку масло
250 г ориз
1-2 чајни лажички сув зачин (вегета)

Постапка:

Кромидот исечкајте го ситно. Пиперките исчистете ги, наредете ги на коцки или на ленти (отстранете ги го семето).

Во широк сад (тава и поплиток лонец) запржете го кромидот на малку масло, додадете малку шеќер за побрзо да „пожолти“ и да се карамелизира (околу еден прстофат).

Кога кромидот ќе застакли и малку ќе пожолти, додадете ги сечканите пиперки, на кои веднаш додавате сув зачин. Полевајте со вода по потреба (не премногу, зошто и пиперката сама испушта сок).

Кога пиперката ќе омекне, додадете ја содржината од конзервата со домати, а доколку доматите се крупни, пожелно е малку да ги иситните (или користете доматен сос).

Динстајте додека да испари течноста или да остане сосем малку. Пред крај ставете црн пипер (по желба, јас ставам повеќе).

За ориз: загрејте малку масло во тава или лонец, додадете 250 г ориз, пропржете неколку минути. Кога оризот ќе почне да ја менува бојата и да добива стаклест отсјај (мах 3-5 минути), додадете сув зачин и прелијте со вода, да биде прст-два над нивото на оризот.

Гответе отворено на тивок оган (без мешање!) додека водата да испари и оризот малку да омекне, но не премногу – „ал денте“ ориз (обично треба да се додаде уште чаша-две откако првиот пат водата ќе испари.

Кога сатарашот е готов, се трга од оган и се промешува со оризот.