Ако сакате домашна пита со месо, но немате време за развлекување кори, овој рецепт е одличен избор.
Се подготвува со готови кори, богат и ароматичен фил од мелено месо, кромид и малку корен од целер, а посебната смеса со јајца и јогурт ѝ дава мека и сочна внатрешност.
Одозгора питата убаво се запекува и добива златна, крцкава коричка. Рецептот е едноставен, а резултатот потсетува на домашен бурек со месо.


Потребни состојки
За филот:
400 г мелено месо
1 главица кромид
1 лажица рендан корен од целер
200 мл вода
1 лажица масло
1 мала коцка путер
1 лажичка мелена чадена црвена пиперка
1/2 лажичка лук во прав
црн пипер по вкус
сол по вкус
За смесата со корите:
500 г готови кори за пита
3 јајца
100 мл масло
200 мл течен јогурт
1 лажичка кисела павлака
1 лажичка прашок за печиво
малку сол
За премачкување:
малку масло
малку вода
сусам по желба


Постапка
Најпрво подгответе го филот. Кромидот ситно исечкајте го, па ставете го во тава со маслото и путерот. Пропржете го на умерено висока температура додека да омекне и да стане стаклест.
Во меѓувреме, изрендајте го коренот од целер. Меленото месо зачинете го со сол, црн пипер, чадена црвена пиперка и лук во прав.
Додајте го месото во тавата со кромидот и добро раздробете го со лажица или вилушка за да нема поголеми грутки. Пржете неколку минути, мешајќи, додека месото да ја промени бојата и да ги впие ароматичните состојки.
Потоа додајте го ренданиот целер и промешајте. Прелијте со 200 мл вода и оставете го филот да се динста околу 30 минути, со повремено мешање.
На крајот треба да остане сочен, но без вишок течност. Тргнете го од оган и оставете малку да се излади.
Во меѓувреме, подгответе ги корите. Пакувањето кори исечете го по должина на три дела, а потоа исечете ги на ленти. Внимателно раздвојте ги лентите една од друга за да не останат залепени.
За преливот, во подлабок сад изматете ги јајцата со малку сол. Додајте ги маслото, јогуртот, киселата павлака и прашокот за печиво. Измешајте додека да добиете рамномерна смеса.
Половина од исечените и раздвоени кори додајте ги во смесата со јајца и јогурт и нежно промешајте за смесата рамномерно да ги обвитка корите.
Тепсија со пречник од 28 см премачкајте ја со малку масло и обложете ја со хартија за печење. На дното распоредете половина од подготвените кори со смесата.
Одозгора рамномерно распоредете го филот од мелено месо, оставајќи малку слободен простор околу рабовите за питата убаво да се затвори.
Потоа распоредете го остатокот од исечените кори и рамномерно прелијте со преостанатата смеса со јајца и јогурт.


Одозгора попрскајте со малку масло и неколку капки вода. По желба, посипете со сусам.
Печете во претходно загреана рерна на 180 °C, околу 30 минути, или додека питата да добие убава златна боја и крцкава коричка.
Оставете ја неколку минути да се излади пред сечење. Послужете ја топла, по желба со јогурт.
Корисни совети
За полесно сечење, готовите кори можете да ги извадите од фрижидер непосредно пред подготовката и внимателно да ги раздвоите откако ќе ги исечете.
Филот од месо не треба да биде воден пред да го ставите во питата. Треба да остане сочен, но вишокот течност да биде испарен.
Целерот е по желба, но во мала количина му дава пријатна арома на месниот фил. Постапката погледнете ја во видео прилогот ОВДЕ:




































