Оригинални афионови кифли според рецепт од 1966 година…Уникатни! Оние што се сеќаваат на овие кифли знаат каков неодолив вкус имаат…Рецепт и фотографии на Вања Величкова.

Точно се придржував според упатствата дадени во рецептитот, единставено што тестото го измесив на рака, наместо машински…Излегоа перфектни, исто како што се сеќавам на нив…

Кифлите се кинат на конци и имаат уникатен вкус. Од остатокот од тестото направив плетенки со чоколадо. Еве кои состојки се потребни:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

700 г просеано сенаменско брашно
125 г шеќер
100 мл масло
3-4 јајца, во зависност од нивната големина.
23 свеж квасец или 10 г сув квасец
1 прстофат сол
200 мл топло млеко
семе од афион за посипување
*сите состојки треба да се на собна температура.
*подгответе 2 намастени плеха
*тестото можете да го измесите машински или на класичен начин, рачно.

ПОСТАПКА:

Просеаното брашно, шеќерот и сувиот квасец се истураат во садот од миксерот и се меша. Додајте ги јајцата едно по едно, мешајќи после секое, па додајте го топлото млеко и прстофат сол.

Се матат со слаб степен на миксерот (или се меси рачно) додека убаво да се соединат состојките и да се формира убаво топче тесто. Многу внимателно, лажица по лажица, маслото почнува да се додава, чекајќи секоја лажица добро да се впие од тестото.

Мешањето продолжува додека да се потроши маснотијата и тестото да почне да се одвојува од страните на садот.

Се вади од миксерот и се остава во длабок сад подмачкан со масло, се покрива со фолија и се остава да ферментира околу 70-80 минути.

Добро нараснатото тесто се истура на малку подмачкана површина, но не е потребно, бидејќи тестото не е лепливо и се дели на топчиња. Се покриваат и се оставаат да нараснат уште 15 минути врз намастена хартија за печење.

После тоа, на подмачкана површина се формираат кифлите и се редат во подмачкан плех со растојание од околу 3 см, бидејќи кога повторно ќе нараснат може да се залепат една до друга. Се оставаат да ферментираат уште 30-40 минути.

Премачкајте ги со јајце и оставете повторно да одморат уште 15 минути, потоа повторно премачкајте со јајце и обилно посипете со афион. Печете во добро загреана рерна на 180 степени најмногу околу 15 минути.

Оставете целосно да се оладат. Рецепт и фотографии на Вања Величкова.