ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

8 белки

70 г шеќер

150 г мелен мак

50 г кокос

50 г мелени бадеми

1 лажица (15 г) пченкарен густин (скроб)

2 лажици прашок за печиво

+ 150 мл врело млеко за прелевање на кората

ЗА КРЕМ:

8 жолчки

100 г шеќер

2 ванилин шеќер

1 литар млеко

100 г пченкарен густин (скроб)

1 лажица лимонов сок

1 рендана кора од лимон

250 г путер/маргарин

50 г шеќер во прав

ЗА ОВОШЕН СЛОЈ:

450 г смрзнати вишни

60 г шеќер

2 ванилин шеќер

20 г пченкарен густин (скроб)

4 лажици вода

2 лажици лимонов сок

1 лажица (5 г) мелен желатин или 2 листа

ЗА ГЛАЗУРА ОД БЕЛО ЧОКОЛАДО:

100 г бело чоколадо

200 г слатка павлака

1 лажица (5 г) мелен желатин или 2 листа

25 мл вода

25 мл лимонов сок

ПОСТАПКА:

Белките изматете ги со миксер во цврст снег. Додадете шеќер и миксајте додека да се растопи шеќерот. Додадете го макот и со лажица промешајте, па додадете кокос, бадем, густин и прашок за печиво. Добиеното тесто излејте во плех 40х30 обложен со хартија за печење. Печете 20 минути во рерна загреана на 180 степени.

Печениот бисквит изладете го па прелијте го со врело млеко. Кога ќе излади, надолжно пресечете го на две кори.

КРЕМ: Во еден сад изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Додадете рендана лимонова кора и густин, па смесата малку разредете го со млеко.

Остатокот од млекото ставете го на оган па постепено додавајте ги жолчките со постојано мешање додека да згусне. Кремот прекријте го со проѕирна фолија и оставете да излади.

Путерот на собна температура и шеќерот во прав пенесто изматете ги, па додадете лимонов сок и заедно измешајте со изладениот крем.

ОВОШЕН СЛОЈ: желатинот потопете го во 2 лажици ладна вода и оставете да набубри. Смрзнатите вишни и шеќер ставете ги да се готват.

Кога ќе зоврие, додадете густин разматен со 4 лажици вода и гответе уште околу две минути. Вишните згмечете ги за да може колачот полесно да се сече.

Садот со овошје тргнете го од оган, додадете лимонов сок и желатин па добро измешајте за да се растопи. Оставете да излади на собна температура. Ако ставате желатин во ливчиња, натопете ги во вода да омекнат, па исцедете и додадете ги во овошјето.

Врз една кора распоредете готвени вишни па крем од жолчки. Покријте со втората кора па прелијте со со топла чоколадна глазура. Ставете во фрижидер. Кога кремот ќе се стегне, колачот сечете на коцки и украсете со половинки вишна.

Глазура: во мал сад натопете го желатинот во мешавина од вода и лимонов сок. Оставете да набубри. Чоколадото искршето го на парчиња па прелијте со топла, а не врела слатка павлака.

Ставете на пареа и мешајте додека чоколадото не се растопи. Тргнете од оган. Желатинот растопете го на тивок оган па во во тенок млаз вмешајте во топлото чоколадо со постојано мешање.