Кога имате прослава и треба да пречекате многу луѓе, на трпезата се најбарани разновидните ситни колачи. Еве еден рецепт кој ќе ви ја ослесни работата, па од една смеса ќе добиете многу ситни колачи:

Основни состојки:
– 500 г остро брашно
– 300 г меко брашно
– 1 цело јајце
– 1 жолчка (белката искористете ја за подоцна, за декорацијата)
– 1 кесичка ванилин шеќер
– 250 г шеќер во прав
– 500 г маргарин или путер
– 5 лажици млеко

Додатоци по избор:
– ореви, лешници, кокос, бисквити, цимет, какао
– нутела, еурокрем, линолада, секаков вид чоколада
– бои, прашкасти состојки, светкави ѕвездички, шарени или чоколадни трошки
– рум, ванила, рендана кора од портокал или лимон…

ПОСТАПКА:

Оставете го маргаринот да омекне на собна температура во голем сад па пенасто изматете го заедно со шеќерот во прав. Потоа додајте ги останатите основни состојки.
Не додавајте ништо повеќе дури и ако тестото ви изгледа премногу ронливо и суво, не грижете сè се ќе се обликува, само полека месете…

Поделете го тестото на онолку делови колку што сакате различни колачиња.

На фотографијата темните ѕвезди се сo какао и цимет, а одозгора има бела глазура направена од преостанатата белка.

Во белката се додава 200 г шеќер во прав, се мати со виљушка и се истура во кесичка, се врзува со ластик и се прави многу мала дупка на дното, па се шара.

Стискајте ја кесата и исцртајте ги ѕвездичките, не одете до крај до рабовите затоа што ќе претече, туку исцедете повеќе во средината и потоа полека развлечете кон рабовите со нешто тенко (дрвена чепкалка, на пример). Оставете да се исуши преку ноќ.

Срцињата се со ореви, па едниот крај се потопува во чоколадо и додека да стегаше посипете ги со златен прав за колачиња.

Кифличките се основно тесто валано и печено и потоа краевите се потопуваат во чоколадо, а потоа во јаткасти плодови.

Тркалезните колачиња се со рендана кора од лимон и рендано чоколадо, обликувани во топчиња и малку притиснати.

Ванилиците се прават на класичен начин со калапчиња-модла, се печат и се лепат со мармалад од кајсии, посипани со шеќер во прав.

И, конечно, овие облици на новогодишни елки со точки, ѕвезди, срца, лампиони се основното тесто на кое сте додале рендана кора од портокал, обликувани и потоа исцртани со исто така, бела глазура на која посебно сте додале бои и истуриле во кесички.

Се печат во загреана рерна на 180 степени помеѓу 10 и 15 минути, во зависност од тоа колку тенко ќе го развлечете тестото, колку потенко, пократко ќе биде печењето и обратно.

Треба да останат светли, можеби ќе ви се чини дека се уште меки и не се допечени, но се, кога ќе се изладат ќе видите, магија.

Се чуваат во кутии до послужувањето, но и потоа, ако нешто остане.