Вкусни ПОСНИ ситни колачи СВЕКРВИНО ОКО…Кој не ги пробал, треба да ги проба, овој вкус не се пропушта! Од оваа количина се добиваат многу колачи кои потоа можете да ги сечете на половинки или четвртинки и затоа се одлични за слави, родендени и други прослави.

Може да се прават мрсни или посни, па ако ги правите за посна слава одберете посни бисквити наместо млечни и маргарин наместо путер. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

500 г суви смокви,
150 г мелени ореви,
100 г путер или маргарин,
200 г шеќер,
1 шолја вода од 250 мл,
300 г мелени бисквити

За полнење:
150 г цели јатки ореви,
150 г мелени ореви за валкање (може и во кокос, мелени кекси или нешто по ваша желба)

ПОСТАПКА:

Од смоквите отсечете им ги дршките, а потоа прелијте ги со малку вода и оставете ги на страна за да омекнат и да се испере од нив вишокот шеќер. Ако се посуви и тврди оставете ги вака да отстојат 20-тина минути, но моите беа меки, па ќе ги оставам пократко време.

Во едно тенџере ставете вода и шеќер, па ставете го на оган да зоврие и да се свари сируп. За тоа време путерот или маргаринот исечкајте го на листови. Штом сирупот зоврие, додајте го исечениот путер и промешајте да се растопи, па додајте ги и мелените ореви.

Ринглата можете да ја исклучите, но оставете го тенџерето и брзо мешајте за да се соединат сите состојки.

Потоа додајте ги мелените кекси, тргнете го тенџерето од оган и продолжете со мешање додека да се изедначи смесата и згусне. Смесата треба да е доволно густа за да може да обликува со раце.

Добиената смеса претурете ја во посебен сад за побрзо да се олади, а за тоа време пригответе ги јатките од орев. Смоквите процедете ги, па на секоја смоква направете вдлабнување од страната каде претходно сте ја засекле за да ја отстраните дршката.

Секоја смоква полнете ја со јатки ореви, во зависност од големината колку што собира. Потоа земете од смесата мало парче, направете топче па исплескајте го меѓу дланките, ставете ја во средина полнетата смоква и обложете ја од сите страни со смоквата.

Со дланките формирајте едно поголемо топче, па валкајте го во мелени ореви или мелени кекси, кокос или нешто по ваш избор. Откако топчињата добро ќе изладат, можете да ги сечете на половинки пред сервирање. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.