Ова е највкусниот мармалад, кој не пропуштам да го правам секоја година. Навистина, овој мармалад бара работа и не е едноставен како другите, но крајниот резултат е фантастичен.
Го правам со години, па преку искуство го научив најлесниот начин да се пасира сварениот плод. Од оваа количина на шипинки се добиваат 8 тегли од 700 мл. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
8 кг шипки
3 кг шеќер
ПОСТАПКА: За овој вкусен мармалад користам апарат за пасирање кој го имам со години и ми служи и за пасирање овошје и домати. Користам и сито за процедување на смесата после пасирањето низ апаратот.
Шипинките измијте ги, извадете ги црните „капи“ и „опашки“, ставете ги во тенџере и додајте вода да биде 5 см над плодовите. Гответе 2 часа, додавајќи вода за да биде секогаш 5 см над плодовите.
ПРОЧИТАЈТЕ: „Што е поубаво: мармалад од шипки, од дренки или од капини – вкусни лековити плодови“ – ОВДЕ.
Тргнете го тенџерето од оган и веднаш малку по малку вадете ги сварените плодови заедно со малку од водата во која се вареа и со машина за пасирање компири (онаа што се користи кога правиме пире) изгмечете ги. Ќе добиете каша што после треба да се испасира.
Ставете го апаратот за пасирање на садот, додавајте малку по малку од пулпата од шипинка и пасирајте. Кога сета количина ќе ја претворите во пире, ќе добиете течност во која има иглички, а кои треба да се отстранат.
Дел од пасираната смеса ставете ја во пластично сито и со голема лажица мешајте во круг за да помине течноста, а игличките да останат на ситото.
ПРОЧИТАЈТЕ: „Сок од шипки – најпотребен во период на вирози и настинки, преполн со природен витамин Ц“ – ОВДЕ.
Секогаш кога ќе просеете дел од смесата, измијте го ситото, па додајте повторно уште еден дел од смесата и повторете ја постапката. Кога ќе ја поминете сета количина низ сито, уште еднаш повторете ја постапката за случајно да не останале иглички.
Второто процедување оди многу побрзо.Сето тоа правете го додека е топла смесата, бидејќи полесно се пасира и се цеди.
Од 8 кг шипки добив 5 литри пасирана смеса. Ставете ја смесата во поширок сад (побрзо се готви), додајте 3 кг шеќер и гответе на силен оган со постојано мешање 45 минути. Измијте ги теглите, чувајте ги 30 минути во загреана рерна на 100 степени за да се стерилизираат.
ПРОЧИТАЈТЕ: „Шипката НЕ ГО ГУБИ ВИТАМИНОТ Ц при варење! Помага при настинки и исфрла песок од бубрези“ – ОВДЕ.
Сварениот мармалад складирајте го топол во топлите тегли, затворете и свртете ги теглите наопаку. Оставете ги вака 15 минути и повторно вратете ги во првобитната состојба, покријте ги со чаршав или ќебе и оставете да се оладат.