Со колешките на работа секогаш се договараме која да донесе појадок за еден ден, па мојот ден е среда. Некогаш месам кифли, некогаш правам фурнаринки или пица, а за изминатата среда одлучив да им однесам пржени лепчиња. За дечињата ги подготвував за вечера, па бидејќи ми остана повеќе леб го искористив за да го дојадеме со колешките.
Сите беа воодушевени и веднаш ми побараа рецепт. Ми рекоа дека поубави пржени лепчиња не јаделе, дека се многу крцкави и не впиле многу масло. Толку многу ги испофалија што се чувствував како да сум подготвила некој специјалитет.
Рецептот е всушност на Oксана кои овие пржени лепчиња ги подготвува како закуска, но јас си го присвоив со мали измени. Кај нас обично се послужуваат за појадок со парче сирење и шолја јогурт, но некои ги јадат и во блага варијанта. Може да ги јадете и самостојно зашто се навистина многу вкусни и заситни. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 100 мл млеко, 8 парчиња леб (количината одредете ја по потреба и според тоа соодветно зголемете ги јајцата и останатите состојки), 70 г кашкавал, 1 китка копар, сол по вкус, мелен црн пипер и масло за пржење.
ПОСТАПКА: Исечкајте 1 свеж копар на ситно и тргнете го настрана додека ја подготвувате основната смеса. Кашкавалот изрендајте го на ситно, па и него тргнете го настрана. Во еден подлабок сад скршете четири јајца и изматете ги набрзина со виљушка.
Зачинете со сол и црн пипер по вкус, па додајте 100 мл млеко, на собна температура. Изматете додека да добиете еднолична смеса. Потоа, во садот додајте го ренданиот кашкавал и повторно измешајте зашто може да се залепи во купче, ако е премногу мек.
На крајот, додајте го сечканиот копар и повторно соединете во хомогена смеса. По вкус, во оваа смеса може да додадете и ситно сечкан кромид или некое сувомеснато, како шунка или сланина. Вака подготвената смеса излејте ја во подлабок сад за печење, каде што ќе ги собере сите лепчиња наредени.
Врз излеаната смеса, наредете ги кришките леб и оставете ги да се натопат во смесата 5 минути. Потоа, превртете ги на втората страна и со виљушка додајте на горната страна од кашкавалот и копарот. Оставете ги на втората страна да се натопат уште 1-2 минути.
Во едно тавче загрејте малку масло, па спуштајте ги лепчињата да се пржат на средна кон висока температура. Кога ќе добијат златна боја, се превртуваат на втората страна. Остатокот од смесата во тавата нежно излејте го преку секое лепче, со помош на лажица. Пржете ги од втората страна додека да позлатат, па вадете ги на чинија со салфетка. Деталите погледнете ги ОВДЕ.