Старински, вкусен, чоколаден колач кој се подготвува брзо и лесно. Пробајте го рецептот на Сања од „Кујната на Аурора“ и ќе се воодушевите од неговиот вкус. Кога немате време и сакате да направите нешто убаво, ова е вистинскиот рецепт за вас. Погоден за сите прилики.
Едноставно се топи во уста, сите членови на семејството ќе бидат повеќе од воодушевени и сигурно ќе бараат повеќе од едно парче. Секој што ќе го проба ќе ве праша за рецептот. Јас бев воодушевена од овој колач кога една колешка донесе неколку парчиња на работа. Веднаш ѝ го побарав рецептот и сега често го подготвувам. Еве што ви е потребно.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 3 јајца (одвојте ги белките од жолчките), 10 лажици шеќер, 100 мл масло, 200 мл млеко, 5 полни лажици мелени ореви, 6 полни лажици брашно, 1 кесичка (14 г) прашок за печиво, 1 лажица какао во прав, 1 кесичка (10 г) ванилин шеќер. ЗА ПРЕЛИВОТ: 200 мл млеко, 6 лажици шеќер, 130 г чоколадо за готвење, 150 г путер (може да користите и маргарин), 200 г мелени ореви
ПОСТАПКА: Јајцата оставете ги да отстојат на собна температура, како и останатите состојки кои се чуваат во фрижидер (млеко, путер/маргарин). Скршете три јајца во подлабок сад и одвојте ги белките од жолчките. Жолчките тргнете ги настрана, а белките започнете да ги матите со миксер.
Кога ќе изматите пенасто и ќе добиете цврст снег, постепено започнете да додавате 10 лажици шеќер. Измиксајте во цврст снег кој тешко паѓа од лажицата. Постепено започнете да ги додавате жолчките, додека непрекинато матите со миксерот. Потоа, додајте 100 мл масло, 200 мл млеко и повторно измиксајте.
Маслото и млекото може приближно да ги мерите со чаша. Сомелете ореви и додајте 5 полни лажици во смесата, заедно со 1 лажица какао и 1 кесичка ванилин шеќер. Измиксајте во еднолична смеса, без грутчиња, пред да го додадете брашното.
Брашното додавајте го постепено на неколку наврати, помешано со прашокот за печиво. Соединете со шпатула. Подгответе си плех со димензии 30х20 см (или приближна големина), па обложете го со хартија за печење и малку намастете го. Излејте ја подготвената смеса за бисквитот и добро израмнете ја.
Доколку смесата ви се чини поретка, не додавајте повеќе брашно, затоа што така треба да изгледа. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па колачот печете го приближно 25 минути. Проверете со чепкалка дали е испечен.
ЗА ПРЕЛИВОТ: Млекото загрејте го во тенџере на среден оган. Додајте го шеќерот и путерот, исечен на коцки и почекајте да се растопат, а млекото да зоврие. Потоа, намалете ја температурата на ринглата и додајте го чоколадото. Мешајте константно до растопување, па тргнете го тенџерето од рингла и додајте ги мелените ореви.
Измешајте ги оревите така што ќе добиете убав прелив кој може да се излева преку колачот. Прелијте и измазнете го колачот, па наросете го со мелени ореви. Ставете го во фрижидер да се олади, па послужете на коцки. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Прочитајте: Чоколадна фантазија (без јајца) се приготвува многу брзо и лесно – ОВДЕ.