Јафа колачот без печење, освен што е лесен за правење, не се знае дали е поубав или повкусен. Јафа тортата без печење се прави многу брзо и лесно, а комбинацијата од бисквити „Јафа“ или „ресана“ и кремот од ванила го прави толку вкусен. Одличен за сите прилики, овој деликатес сигурно нема да остави никого рамнодушен.
Покрај тоа што ве освојува на првиот залак, кога ќе го исечете изгледа прекрасно, а многумина нема да ви веруваат дека не е од слаткарница. Рецептот го објави Јулија Радојевиќ на нејзиниот инстаграм профил и сите ги воодушеви.
„Не сум ја направила одамна, но татко ми побара да ја направам“, вели таа. Откога знам за оваа торта секојпат ја правам по рецептот со кој не може да се погреши. Јас сакав да биде мала и висока па затоа ја направив во калап со пречник од 20 см, а стандардно се приготвува во калап 26 см. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за основа: 200 г мелени бисквити, 150 г мелени ореви, 70 г шеќер во прав, 70 г стопен путер, 150 мл сок од портокал. ЗА ФИЛ: 800 мл млеко, 2 кесички пудинг од ванила, 2 лажици скроб/густин/нишесте, 150 г шеќер, 150 г путер, 1 кутија Јафа бисквити, 2 банани. За декорација: 130 мл слатка павлака и 100 г темно чоколадо
ПОСТАПКА: Прво направете го филот бидејќи треба целосно да се излади. Од млекото извадете 150 мл, па изматете го пудингот. Сварете го преостанатото млеко заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие додајте го пудингот и варете додека да се згусне. Мешајте цело време и внимавајте да не загори.
Покријте го сварениот пудинг со проѕирна фолија и оставете го целосно да се излади. После тоа, омекнатиот путер изматете го во филот со миксер за сето убаво да се соедини во нежен и свиленкаст крем. За основата на тортата: измешајте ги сите состојки и формирајте ја базата во кружен калап со дијаметар од 20 см.
Преку неа наредете ги бананите исечени на прстени, па прелијте со половина од филот, па наредете ги јафа бисквитите, па прелијте го остатокот од филот. Тортата ставете ја во фрижидер најмалку 4 часа да се стегне. Најдобро би било да ја оставите преку цела ноќ.
За декорација: загрејте ја слатката павлака но внимавајте да не ви зоврие, додакте ја искршената чоколада и мешајте додека да добиете еднолична смеса како глазура. Рамномерно прелијте го изладениот колач, почекајте да се стегне, па исечете и послужете. Рецепт на Јулија Радојевиќ.