Оваа торта не можам да престанам да ја фалам, колку многу е добра е вкусна. Не се пече и многу брзо е готова. Обожавам кремасти десерти кои се топат во уста, а овој чискејк со лешници и чоколадо особено многу ми се допадна, но не само на мене, туку и на сите што ја пробаа.
Тортата се прави навистина многу брзо, а откако ќе се стегне и олади ви преостанува да уживате во фантастичниот вкус. Во овој рецепт доминантни се лешниците, чоколадото и крем сирењето кои неверојатно одлично си одговараат и даваат предобар вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап со пречник 22 см) за подлога: 150 г мелени „петит“ бисквити (или по избор), 100 г растопен путер или маргарин, 100 мл млеко, 70 г шеќер, 100 г истостирани (испржени и излупени) мелени лешници
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 200 г бело чоколадо, 50 мл слатка павлака за шлаг (за белото чоколадо), 400 мл слатка павлака за шлаг, 400 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц..или по избор). За декорација: 50 мл слатка павлака за шлаг, 50 г чоколадо за готвење, 50 г пржени и сечкани лешници
ПОСТАПКА за приготвување на подлогата: Во подлабок сад сипете ги мелените бисквити, растопениот маргарин или путер, млекото, шеќерот и мелените лешници. Убаво промешајте додека сите состојки да се соединат во хомогена смеса.
Смесата истресете ја и рамномерно распоредете ја во калап со пречник од 22 см (или слична диманзија). Малку притиснете ја со дланката, задниот дел од лажицата и дното на некоја чаша за да се израмни и стегне, а потоа оставете во фрижидер (не мора) додека го приготвувате кремот.
ПОСТАПКА за приготвување на кремот: Белото чоколадо исечкајте го ситно (или користете чоколадни капки) прелијте го со 50 мл слатка павлака за шлаг. Состојките растопете ги во микробранова печка или на пареа додека да се соединат. Оставете малку да подизлади.
Во подлабок сад ставете ладна слатка павлака за шлаг, крем сирење и оладеното растопено чоколадо. Сите состојки добро изматете ги со миксер додека да добиете убав нежен крем. Целиот крем истресете го врз подлогата во калапот, рамномерно распоредете ги и израмнете.
ПОСТАПКА за приготвување на декорацијата: слатката павлака за шлаг прелијте ја преку исечканото чоколадо (или во капки). Состојките ставете ги во микробранова печка или на пареа додека да се растопат и соединат.
Кога ќе се излади можете да ја складирате во готварски фишек и да ја декорирате тортата со тенки линии преку кремот. Одозгора сипете исечкани и претходно истостирани лешници. Тортата оставете ја во фрижидер да се стегне неколку часа или најдобро преку цела ноќ. Видеопрезентацијата на Натали погледнете ја ОВДЕ.