Брат ми работи во Германија како готвач во еден локален ресторан и често ми праќа некои нови рецепти, кои се лесни и многу вкусни. Отсекогаш сум сакала кремасти десерти кои можат да се јадат со лажица, па неодамна брат ми ми го прати овој рецепт за кој беше сигурен дека многу ќе ми се допадне.
Без печење и со неколку состојки ќе го подготвите еден од највкусните колачи кои може да се јаде со лажица. Колачот се подготвува брзо и може да се послужи веднаш по подготовката, но мене ми е поубав кога ќе се олади во фрижидер. Има чоколаден вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 шолји млеко (800 мл), половина шолја брашно (50 г), половина шолја пченкарен скроб (40 г), 1 шолја шеќер (160 г), 1 пакување чоколадни или обични бисквити (може и пишкоти), 2 жолчки, 1 кесичка шлаг, половина чаша млеко. ЗА ГЛАЗУРА: инстант чоколаден прелив или темно чоколадо и 1 лажица масло.
ПОСТАПКА: Млекото сипете го во поголемо тенџере. Додајте ги шеќерот и жолчките, промешајте, па додајте ги брашното и скробот. Соединете со кујнска маталка/жица за да се измешаат и да не останат грутчиња. Доколку млекото е млако, полесно ќе се соединат состојките.
Тенџерето пренесете го на рингла и загревајте на умерена температура со непрекинато мешање додека да се звари и згусне, како пудинг. Мешајте додека состојките целосно да се инкорпорираат, важно е тоа да го правите на ниска температура, за млекото да не ви загори.
По зовривање на млекото, гответе уште 2 минути на најслаб оган, додека да се добие потребната конзистентност. Во пудингот нема потреба од додавање на путер, колачот е испробан на овој начин и е многу вкусен и без него.
Додека пудингот се лади со стреч-фолија за да не фати коричка, во еден помал сад истресете го половина од шлагот и прелијте со половина чаша млеко (или подгответе го според упатството на кесичката). Изматете со миксер додека да се добие цврст шлаг. Доколку сакате да ги искористите белките, изматете ги во цврст шам, наместо шлагот од кесичката.
Кога пудингот малку ќе се олади, постепено започнете да го инкорпорирате со шлагот. Додавајте по 1-2 лажици од шлагот во пудингот и со шпатула соединувајте, додека двете смеси да станат хомогени. Подгответе неколку бисквити/пишкоти и исечкајте ги на 2-3 пати, да останат крупни парчиња. Може да користите обични или чоколадни бисквити или пак пишкоти (обични/чоколадни).
Бисквитите измешајте ги во кремот и добро соединете. Во огноотпорен сад или некој по ваша желба со пречник од 26 см излејте ја смесата и добро израмнете ја одозгора со помош на шпатулата. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне, додека ја подготвувате глазурата.
За глазура: Чоколадото скршете го на помали коцки и ставете го во помал сад, врз друг сад на пареа и измешајте со 1 лажица масло. Мешајте додека чоколадото да се стопи. Може да користите и инстант чоколаден прелив.
Излејте го растопеното чоколадо врз кремот со биксвити/пишкоти и добро израмнете. Ставете го колачот во фрижидер да се стегне 3-4 часа, па пред послужување декорирајте го со чоколадни трошки или по желба.
Доколку сакате колачот да го направите во 3 слоеви, тогаш направете и дополнителен чоколаден слој, кој ќе го подготвите на ист начин како првиот само ќе додадете и 2-3 лажици какао и ќе го одземете шлагот. Наместо шлаг може да ставите 1-2 коцки путер.
Чоколадниот слој ќе го нанесете прв во садот, потоа белиот, а на крајот ќе прелиете со чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.