Отсекогаш сум сакала „месено“, веројатно затоа што пораснав со баба ми која секој втор-трет ден замесуваше тесто, откинуваше мало парче со кое јас си играв цел ден и на крај го печеше заедно со нејзината пита.
Правеше зелници, погачи, кифли, јувки и разни други чудесии подготвени со брашно.
Уживав да ја гледам баба ми како работи со тестото, префрлуваќи ги корите наваму-натаму, правејќи „витки“ како некој уметник и убави декорации на питите и погачите. Мирисот на тестото и денес ме потсеќа на баба ми и безгрижното детство.
Денешниот рецепт кој сакам да ви го претставам е многу сличен на баничките кои ги правеше баба ми, но се разликува во постапката и методот на виткањето на тестото.
Откако го открив многу често го применувам, зашто на овој начин тие остануваат преполни со фил, а сепак се разлистуваат на 100 листа и меки се како памук. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша млака вода (200 мл), 1 чаша млако млеко (200 мл), 1 мала лажичка сув квасец (5 г или 1/2 кесичка), 1 мала лажичка сол, 4-5 чаши брашно или по потреба.
За прелевање на корите: 150 г растопен путер и 120 мл растително масло. За фил: 3-4 компири, зачини по вкус, чедар кашкавал. За премачкување на баничките: 1 жолчка и 1 лажица млеко/масло
ПОСТАПКА:
Во подлабок сад измешајте ги млекото и водата, додајте го квасецот и промешајте. Потоа додајте половина од брашното и една лажичка сол, па промешајте додека да се впие течноста.
Продолжете со постепено додавање на брашното, малку по малку. Кога тестото ќе стане комапктно, замесете го со рака.
Месете го неколку минути на набрашнета површина додека стане мазно и еластично, средно меко по густина, обликувајте го во топка и вратете го во садот.
Покријте го со кеса и оставете го да ферментира половина час или колку што е потребно за да го удвои волуменот. За тоа време пригответе го филот.
Може да употребите каков било фил со мека конзистенција, на пример:
-бланширан спанаќ со крем сирење,
-меко сирење со кашкавал,
-морков – пире со кашкавал или како во нашиот пример,
-компир пире со рендан чедар кашкавал (сварете ги компирите, испасирајте ги и зачинете ги со сол, црн и црвен пипер по вкус).
Стасаното тесто премесете го и поделете го на 8 еднакви делови. Од секој дел обликувајте топче. Покријте ги со кеса и оставете ги да одморат 10 минути, па едно по едно отворајте ги во големи, тенки кори.
Во меѓувреме растопете го путерот и помешајте го со маслото. Преку цела површина намастете ја кората со маснотија.
Потоа здиплете ја од двете страни, да добиете долг правоаголник од три листа и повторно премачкјате го одозгора со маснотија.
На едниот крај поставете чаша до средината на правоаголникот, па преклопете ја со тестото и свиткајте ја до крај како што е прикажано во видеопрезентацијата.
Вака подготвените чаши со тесто оставајте ги по 10 минути во замрзнувач (наизменично додека ја подготвувате следната кора).
Потоа внимателно извадете ја чашата, а внатрешноста на тестото наполнете ја со фил и малку рендан кашкавал, па затворете го во вид на топче или диск.
Откако ќе одморат 5-10 минути, секое сплескајте го со дланката и ставете го превртено во плех обложен со хартија за печење.
Одозгора премачкајте ги со жолчка, па вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. После 10-15 минути ставете ги да се печат додека убаво да заруменат. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.