Колачот „Седмо небо“ е еден од вкусните колачи кои се прават уште одамна, особено за време на празниците. Колачот се разликува од класичната обланда со тоа што се подготвуваат кори кои потоа се печат врз него и се филуваат. Се подготвува лесно и многу брзо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 јајца, 20 лажици шеќер, 100 г кокос, 150 г мелени кекси, 3 лажици брашно, 150 г чоколадо, 200 г путер/маргарин, 2 листа обланда. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо, 3-4 лажици масло.




ПОСТАПКА: Koлачот се подготвува навистина брзо така што уште од почеток може да ја вклучите рерната да се загрева на 180 степени. Во посебни садови одвојте ги белките од жолчките од 4 јајца (на собна температура). Со миксер цврсто изматете 4 белки со 6 лажици шеќер, додека шеќерот да се растопи и да се добие цврст снег.




Во снегот додајте 1 лажица брашно и 150 г мелени кекси, па промешајте со лажица или шпатула или со најмала брзина на миксерот за смесата да не го изгуби својот волумен. На голем плех од рерна ставете еден лист од обланда со помазната страна надолу, а со вдлабнатите коцки нагоре.




Премачкајте го листот со приготвената смеса од белки и мелени кекси, распоредете и рамномерно израмнете. Ставете да се пече во загреаната рерна, околу 13 минути. Додека се пече првата кора, пригответе ја втората кора. Во посебен сад одвојте ги преостанатите четири белки, изматете ги додека да станат пенасти, па додајте 6 лажици шеќер и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег кој не паѓа од лажица, за што ќе биде потребно неколку минути матење.




Во оваа смеса додајте го кокосот и 2 лажици брашно. Промешајте нежно додека да се изедначи смесата, но сепак да остане пенлива. Со добиената смеса премачкајте го вториот лист обланда, на ист начин како и првиот. Извадете го првиот печен лист, па веднаш ставете го да се пече вториот, само помалку околу 11 минути.




Жолчките пенасто изматете ги со 8 лажици шеќер во некој помал сад кој ќе го ставите врз тенџере со вода 2 см. Од моментот на зовривање гответе ги жолчките на пареа 10 минути со непрекинато мешање. Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи.




Тргнете го кремот од оган и оставете да се лади со повремено мешање за да не фати коричка. Кога ќе се олади на собна температура, пенасто изматете го путерот (исто така, на собна температура), па постепено додајте го филот од чоколадо и заедно соединете ги во мазен крем.




Филување: Врз првата кора од кекси премачкајте го чоколадниот фил, па преклопете го со втората кора со кокос (превртена наопаку, со обландата нагоре). Ставете одозгора некој послужавник и некое оптеретување за да дојде до израмнување.




За глазура: растопете на тивок оган чоколадо со 3-4 лажици масло, па прелијте преку обландата. Оставете добро да се олади и стегне, па сечете и послужете. Деталите погледнете ги ОВДЕ.