Милибродот е еден од традиционалните колачи кои се подготвуваат непосредно пред Велигден. Се замесува тестото кое по печењето, се дели на парчиња од кои излегуваат конци и сите го обожаваат поради тоа. Следниот колач се нарекува „лажен милиброд“ или „друг вид на милиброд“ кој е многу миризлив и сочен, а за вкусот немам зборови.




Доколку немате време да направите вистински милиброд (козињак), направете го овој излеан колач кој е наменет за целото семејство да ужива во непроценливите моменти после велигденскиот ручек. Колачот се состои од неколку евтини состојки кои сите ги имате во домот и се пече во долгнавест калап за леб или специјален калап за колач.




Мек, сочен и толку многу вкусен, а може да го збогатите со мед, сируп или јатки по ваш избор. Пробајте го рецептот на Магда која за овој колач вели дека се подготвува за 5 минути. Колачот е здрав, најпрво затоа што е домашен и се прави од здрави состојки. Доколку ви се јаде нешто брзо и вкусно, не пропуштајте го овој рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, прстофат сол, 85 г шеќер или некој друг засладувач (како мед или јаворов сируп), 1 мала лажичка екстракт од ванила или 1 кесичка ванилин шеќер, 210 г цврст јогурт (грчки), 80 г кокосово масло (може и со путер), 200 г брашно од бадем или некое друго лесно брашно, 8 г прашок за печиво, сечкани бадеми за декорирање или некои други јатки.




За печење се користи долгнавест калап за печење леб или специјален калап за колач со димензии 20х8 см или со слични големини. Колачот може да го направите и во поголем калап, а во тој случај зголемете ги количините на состојките.

ПОСТАПКА: Во еден сад скршете ги трите јајца, кои претходно треба да отстојат на собна температура за да може полесно да се измешаат состојките и смесата да се соедини еднолично. Малку разматете ги јајцата со жица/маталка, па посолете со прстофат сол и додајте го шеќерот.




Енергично измешајте со маталката додека шеќерот да почне да се растопува во јајцата (доколку јајцата се топли, шеќерот ќе се растопи побрзо). Додајте го екстрактот од ванила и потоа ставете го цврстиот јогурт.




Измешајте се убаво, па додајте го маслото (може да ставите и обично, но кокосовото дава посебна арома и е здраво). Откога ќе соедините сѐ во еднолична и течна смеса, додајте го брашното измешано со прашокот за печиво, на неколку наврати. Мешајте ја смесата неколку минути додека добро да се соедини и да се разбијат сите грутчиња од сувите состојки.




Смесата треба да добие густа конзистентност, погуста од онаа за палачинки. Вака подготвената смеса оставете ја да отстои 15-тина минути за дополнително да се соединат состојките, а во меѓувреме намастете го калапот во кој ќе го печете колачот.




Смесата излејте ја во калапот и добро израмнете ја, па малку протресете го калапот од рамна површина за да излезат меурчињата од дното. Одозгора наросете со сечкани бадеми и ставете на печење во загреана рерна на 180 степени. Колачот печете го 40-45 минути, додека да добие златна боја.

По печењето, колачот се остава да се олади, па се сече на тенки или подебели парчиња по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.