Лудото тесто можете да го направите денес, а печивото да го обликувате и печете дури во петок. Најважната работа кога правите кифлички, пита, погача и други разни печива е да имате добро подготвено тесто. Голем број домаќинки си мислат дека ова е комплицирана работа, па затоа не се ни обидуваат нешто да замесат, но со овој рецепт, едноставно нема грешка.




Во текот на постите овој рецепт е најбаран, зашто од лудото тесто можете да приготвите буквално сè. Тоа се чува во фрижидер и може да се одржува свежо со живи квасни култури во него до четири дена. Може да се употреби и петтиот или шестиот ден ако сте го заборавиле, но ферментицијата е веќе при крај и со секој нареден ден тестото ја губи својата еластичност.




Во продолжение можете да го прочитате рецептот на Цаци кој е многу практичен, а за тестото таа вели: „Можам да ви гарантирам дека е одлично да се работи со него во текот на четири дена отстојано во фрижидер, зашто само толку издржав да го чувам, а веројатно може и подолго“. Лудото посно тесто содржи и масло, а доколку постите на вода, Цаци има уште еден одличен рецепт за посна пица на вода. Еве што ви е потребно:




ЛУДО ТЕСТО – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1.5 кг брашно, 75 г свеж квасец, 1.5 кесичка прашок за печиво, 900 мл млака вода, 150 мл масло, 1 супена лажица шеќер, 2-3 мали лажички сол или по вкус

ПОСНА ПИЦА БЕЗ МАСЛО – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 20 г свеж квасец (половина коцка), 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лкажичка сол, 300 мл соино млеко или вода. За фил користете домати, печурки, пиперки, маслинки или каков и да е зеленчук по ваш вкус




ПОСТАПКА: Помешајте го брашното со прашокот за печиво и солат. Во средината направете вдлабнување, па тука изронете го квасецот, преку него сипете шеќер, масло и со постепено додавање на млаката вода замесете тесто.




Бидејќи сакав веднаш да употребам еден дел од тестото, откако тоа стана компактно и нелепливо за прсти, го покрив и го оставив да стасува. Ако не сакате веднаш нешто да печете, во тој случај целата топка од тесто намастете ја со масло и ставете ја во поголема кеса.




Вака спакуваното тесто оставете го во фрижидер каде ќе ја продолжи својата ферментација. Ако го употребите посла два или три дена, тоа е уште поубаво за работа, со еден потег може да се развлекува со оклагијата, воопшто или сосем малку се лепи, но ако работите врз намастена површина или пак, го посипете со брашно, и тој проблем е решен. Следи постапката за посна пица:




ПОСТАПКА: Замесете тесто од наведените состојки, покријте го тестото и оставете го да одмори додека да го удвои волуменот. Стасаното тесто премесете го и со помош на оклагија развлечете го во кора со димензиите на тепсијата со пречник 32 см.




Тепсијата обложете ја со хартија за печење, па тестото префрлете го и дополнително со раце обликувајте го. Јас го премачкав со кечап, свежи шампињони и оригано. Вие можете да ставите било што (да не содржи масло). Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 220 степени, 15 минути. Пицата во текот на печењето нараснува еден-два прсти, па ако ја сакате потенка, тогаш од истото тесто направете две пици и печете ги пократко време.