Доколку сте љубител на десертите приготвени со овесни снегулки кои се многу поздрава варијанта од класичните, тогаш, во продолжение можете да прочитате неколку интересни рецепти за чоколадни колачи кои се приготвуваат брзо и едноставно, од само неколку состојки. Еве што ви е потребно:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап 15 см): 450 мл течна слатка павлака, 300 г овесни снегулки, 300 г црно чоколадо, 2 супени лажици јаворов сируп или мед. Оваа количина е за торта со средна големина, а ако сакате поголема, тогаш соодветно зголемете ги состојките.
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 120 г овесни снегулки, 250 мл млеко, 3 банани, 2 јајца, 50 г какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво, 1 прстофат сол, 1 лажичка екстракт од ванила. За прелив: 100 г црно чоколадо, 3 супени лажици мед
РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 160 г путер, 60 г овесни снегулки, 20 г какао во прав, 2 супени лажици млеко, 250 г брашно, 80 г шеќер (интегрален, брезов или обичен), 1 јајце (54 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 60 г чоколадни капки, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г)
ПОСТАПКА за рецепт 1: загрејте ја слатката павлака и прелијте го чоколадото претходно изрендано или искршено на помали коцкички. Мешајте додека целото чоколадо да се растопи во еднолична мазна смеса. Од оваа смеса издвојте 150 мл во посебен сад, покријте со проѕирна фолија и оставете да одмара во фрижидер до употреба.
Со остатокот од чоколадната смеса залијте ги овесните снегулки и добро промешајте за да се изедначат. Засладете по вкус со јаворов сируп или мес и повторно промешајте за да се раствори. Оставете да одмори 5-10 минути за да набубрат снегулките, па целата содржина излејте ја во калап.
Користете некој помал калап со флексибилен обрач или каков имате, претходно добро обложен со проѕирна-стреч фолија за да можете подоцна од него да го извадите колачот. Распоредете ја смесата, протресете го калапот за да се пополнат евентуално празните простори, израмнете ја површината, покријте со фолија, па оставете го колачот да се стегне во фрижидер, најдобро преку цела ноќ.
Следниот ден отстранете го обрачот и фолијата, преврете го колачот врз десертна чинија и одозгора премачкјате го со чоколадната смеса (150 мл) што претходно ја издвоивте за декорација. Можете да ја употребите каква што е, како крем, или пак, ако ја изматите со миксер ќе добиете шлаг. Деталите погледнете ги ОВДЕ, а во продолжение следи постапката за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: овесните снегулки залијте ги со загреано млеко, добро промешајте и оставете 15 минути. Бананите испасирајте ги, па додајте им ги јајцата и добро соединете. Потоа додајте какао, прашок за печиво и екстракт од ванила и сето добро измешајте го.
Во смесата од банани додајте ги овесните снегулки и повторно сè соединете. Во помал/среден калап намастен со путер излејте ја содржината па печете го колачот во претходно загреана рерна на 180 степени, 40-тина минути. Чоколадото растопете го со млеко, па рамномерно прелијте преку пречениот колач. Изладете и послужете. Следи постапката за третиот рецепт (чоколадни колачиња со овес):
ПОСТАПКА за рецепт 3: вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Подгответе два плеха обложени со хартија за печење. Сите состојки сипете ги во еден подлабок сад, путерот исечкајте го на поситни лентички за да може побрзо да омекне и да се соедини со другите состојки.
Замесете убаво, мазно тесто. Кинете по малку од тестото, обликувајте топчиња со големина на орев, па редете ги во плехот. печете ги кексите 15-18 минути и уживајте во одличниот вкус.