Ако сакате да подготвите свечен, гурмански ручек како од најдобрите ресторани, тогаш почастете ги вашите најмили со овој многу вкусен специјалитет наречен „ребра од рерна“. Постапката воопшто не е сложена и не валкате многу садови.




А, што е најважно од сè, не поминувате многу време во кујна покрај шпоретот. Единствено на што треба да внимавате, е да го испланирате ручекот еден ден претходно, зашто ребрата мора да „зреат“ во маринадата преку цела ноќ.




Потребен ви е еден подлабок сад во кој ќе ги измешате сите состојки за маринадата, а потоа ќе ги натопите ребрата во неа и ќе ги оставите „да зреат“ во фрижидер 12 часа. За тоа време тие ќе омекнат и ќе ги попримат вкусовите од зачините. После тоа ќе ви преостане само уште да ги наредите во тепсија и да ги испечете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1.5 кг свински ребра, 1/2 мала лажичка лук во прав/гранули, 1 мала лажичка сол, 1/2 мала лажичка коријандер, црн пипер по вкус, 4 супени лажици соја сос, 3 супени лажици кечап, 2 супени лажици маслиново масло, 1 мала лажичка мед, 1 мала лажичка сенф, 2 супени лажици свежо исцеден лимонов сок




ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте ги сите наведени состојки за маринадата: лук, сол, коријандер, свежо мелен црн пипер, соја, кечап, мед, масло, сенф и свежо исцеден лимонов сок (по желба можете да додавате и некои зачини по ваш вкус). Добро промешајте.




Кога ќе ги изедначите сите состојки (мешајте со лажичка) треба да добиете темна и густа, мазна смеса која не е премногу ретка, ниту премногу густа. Со маринадата прелијте ги свинската ребра и со раце убаво измешајте ги за да се натопат подеднакво.




Кога ќе се уверите дека секое парче месо е убаво натопено, садот со ребрата покријте го со стреч-проѕирна фолија или со капак и оставете го во фрижидер да отстои најмалку 12 часа. Во текот на овој период месото ќе омекне како локум, но и ќе добие одличен вкус.




Следниот ден обложете го плехот со хартија за печење (не мора), па наредете ги ребрата едно до друга, но внимавајте да не се преклопуваат. Нема потреба од дополнително маслење, зашто самите ќе отпуштат маснотија. Покријте го плехот со еден слој алуминиумска фолија и ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени.




По изминување на 40-тина минути, извадете го плехот, внимателно отстранете ја фолијата и вратете ги ребрата да се допечат уште 20-тина минути во врелата рерна на 220 степени, или додека да добијат убава боја. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ. Деталите од рецептот за ребра печени во зелка, прочитате го ОВДЕ.