Овој рецепт за пита толку многу ме воодушеви, излезе посочна од што очекував. На почетокот се двоумев дали да ја направам, но не згрешив, бидејќи многу ни се допадна. Прво направив помала количина, а откога целата се изеде во едно седнување, веднаш станав и направив уште една пита, но овојпат поголема. Верувале или не, и таа целата се изеде и сите дома бевме задоволни и најадени.




Оваа домашна пита е една од најомилените брзи излеани пити. Неверојатно е мека и вкусна, па колку и да направам никогаш не е доста, секогаш целата се изедува до последен залак и сите ја фалат поради нејзиниот вкус. Се подготвува за многу кратко време, а одлично се комбинира со шолја ладен јогурт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г тортиљи, 3 јајца, сол по вкус, 150 мл млеко, 100 г урда, 150-200 г тврд кашкавал по ваш избор, малку магдонос или спанаќ. Ова се количините за пита која се пече во мал плех, а за поголема, зголемете ја соодветно количината.




ПОСТАПКА: Подгответе си ги тортиљите така што ќе ги исечете според формата на плехот. Јас користев правоаголен, помал плех и тортиљите ги исеков согласно големината, но секако може и да ги превиткувате и да ги исполнувате празните делови со помали парчиња. Оваа пита се подготвува нешто слично како лазањи ама со тортиљи.




Во еден подлабок сад скршете 3 јајца и измешајте ги со жица/маталка. Јајцата треба да бидат на собна температура за полесно да се соединуваат со останатите состојки. Посолете со малку сол (јас обично додавам 1/2 лажичка), па повторно измешајте. По желба може да ставите и други зачини како црн пипер, лук во гранули, црвена зачинска пиперка, сув зачин итн…




Во смесата излејте 150 мл млако млеко и повторно соединете, па додајте 100 г урда. Убаво измешајте ја урдата за подеднакво да се распореди низ смесата од јајца и млеко, односно да не се згрутчуваат поголеми делови на едно место. Изрендајте кашкавал, може да користите и два вида кашкавал, на пример чедар и овчи/кравји/мешан…




Во смесата од јајца, урда и млеко ставете 150 г од ренданиот кашкавал и сѐ заедно измешајте додека да се формира мазна и еднолична смеса. На крајот исечкајте ситно половина китка магдонос (може и спанаќ) и додајте во содржината, па измешајте за последен пат.




Подгответе си го плехот и малку премачкајте го со масло или путер на дното и од страните. На дното ставете еден или два листови од тортиљите. Според мене, најдобро е доколку дното го покриете двојно, а потоа редите по една тортиља. Врз секоја тортиља премачкувајте од филот кој е најлесно да го нанесувате со кутлача и потоа само нежно израмнете го, пред да ја нанесете наредната тортиља.




Кога ќе го потрошите материјалот, завршете го последниот слој со тортиља и малку намастете ја со масло. Одозгора наросете го преостанатиот 50 г рендан кашкавал и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30-тина минути, а може и помалку, затоа повремено проверувајте ја. Питата ќе се надигне за време на печењето. Деталите погледнете ги ОВДЕ.