Еве една идеја како може да се направи торта Шехерезада, но во посна варијанта, што значи без млеко и намирници од животинско потекло. Ќе ви бидат потребни посни биксвити, какао крем табла или посно чоколадо по ваш избор и карамел пудинг.

Во посните рецепти не сакам пудингот да го варам со вода, зашто останува некако безвкусен, па затоа употребувам некое растително млеко, како што е оризовото или соиното, на пример, а е доста поевтино. Исто така, за да го појачам вкусот на карамелот, малку го запржувам шеќерот, што вие секако не морате ако не сакате. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 700 мл растително млеко (соино, бадемово млеко..), 4 + 2 супени лажици шеќер, 80 г или 2 кесички пудинг со вкус на карамел + 1 супена лажица брашно, 150 г маргарин, 100 г шеќер во прав.

ЗА ПРЕЛИВ: 100 г чоколадо, 3 супени лажици масло, 3 супени лажици соино или бадемово млеко (50 мл). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 165 г или 3 кесички посен шлаг, 300 мл газирана вода. И уште: 45 или 60 парчиња петит (посни) бисквити, преостанато млеко што ќе ви остане за натопување на бисквитите и растителен шлаг за декорација

СОВЕТ: Според упатството на кесичката за посниот шлаг би требало да се измати со 375 мл газирана вода, но во тој случај би излегол мек или недоволно цврст за тортата. Затоа користете помалку (300 мл) и матете подолго. Ако и во тој случај добиете мек шлаг, тогаш допдајте уште една кесичка шлаг или малку мелени бисквити кои откако ќе отстои ќе ја „соберат“ сета течност и ќе добиете густ шлаг.




ПОСТАПКА: Најпрво треба да го свариме пудингот. Во едно тенџере ставете четири супени лажици, па загревајте на умерена температура додека да се растопи и карамелизира. Во посебен сад изматете го пудингот (2 кесички) и 1 полна супена лажица брашно со преостанатите две лажици шеќер и 200 мл ладно млеко, да нема грутчиња.




Остатокот од млекото (500 мл) сипете го врз карамелизираниот шеќер и почекајте целосно да се растопи. Кога ќе проврие и ќе се растопи шеќерот, намалете ја температурата и малку потргнете го тенџерето настрана, па сипете го разматениот пудинг.




Вратете на оган и мешајте непрекинато додека кремот да ја постигне посакуваната густина. Тргнете го тенџерето од оган, претурете го во друг сад или едноставно прекријте го со кеса или проѕирна страч фолија и оставете да се лади на собна температура.




Кога пудингот ќе се олади, растопете го чоколадото со масло и бадемово или соино млеко. Преостанатото млеко искористете го за натопување на бисквитите. Па започнете го редењето: на тацна наредете 3х5 парчиња бисквити кратко натопени во растителното млеко.




Премачкајте многу тенок слој растопено чоколадо и ставете во дрижидер да се стегне. За тоа време довршете го филот: Посебно изматете го маргаринот (омекнат на собна температура) заедно со шеќерот во прав. Потоа лажица по лажица додајте го оладениот пудинг и заедно со миксер сето соединете го. Филот е готов.




Изматете го шлагот со газирана вода до посакуваната густина. Потребно е малку подолго време да се мати за да добиете цврст шлаг. Извадете ги чоколадните бисквити од фрижидер и премачкјате ги со карамел кремот, а потоа со изматениот шлаг. Одберете дали ќе имате три или четири редови бисквити, па соодветно на тоа поделете го филот и растопеното чоколадо.




Филување: кекс, чоколадо, карамел, шлаг и сè така додека да го потрошите материјалот. После секое премачкување на чоколадото, носете ја тортата во фрижидер за да се стегне, пред да го нанесете филот. На крај премачкјате со крем или шлаг и оставете во фрижидер да се стегне, па декорирајте со шлаг.

Мојата торта ја направив со три реда бисквити, крем и шлаг, но ми остана малку крем, па одлучив да ставам уште еден ред бисквити премачкани со чоколадо, за да добијам повисока торта. Во тенок слој ја премачкав целата торта со преостанатиот крем, па откако се олади, дополнително ја декорирав со шлаг. Деталите погледнете ги ОВДЕ.